Во сабота, РК Вардар го очекува многу важен натпревар во борбата за шампионската титула во домашното првенство. Во С.Ц. Јане Сандански ќе гостува екипата на Еурофарм Пелистер, противник кој го победивме во Скопје во есенскиот дел од сезоната, додека на гостувањето во Битола одигравме со нерешен резултат.
Во пресрет на овој важен натпревар, тренерот Давид Дејвис ги изнесе своите очекувања кои ви ги пренесуваме во целост.
Вистина е дека натпреварот е многу важен, играме дома и сакаме победа. Имаме уште многу за играње, како и реваншот во Битола. Ако победиме ќе бидеме во подобра ситуација. Овој дуел ќе биде убав за македонскиот ракомет, се надевам сите ќе уживаат. Еурофарм Пелистер ни е голем ривал, мора да бидеме среќни што имаме противник како нив.
Првиот натпревар беше одамна, има многу промени од тогаш. Ги гледав и анализирав, ама екипата сега игра многу поразлично и не можеме да искористиме многу информации од тие средби. Распоредот е тежок, ама нема калкулации. Секогаш имаме само план „А“, а тој е секогаш победа. Играме со Еурофарм Пелистер в сабота, па дури потоа ќе размислуваме за Веспрем, истакна Дејвис.
Натпреварот во сабота ќе започне од 17:00 часот, а влезот за овој дерби натпревар е бесплатен.