Како што веќе објавивме во новата сезона прв тренер на ЖРК Вардар ќе биде добро познато лице, досегашниот тренер на голмани Александар Царчев. Искусен ракометен педагог кој ги познава девојките, раководството на клубот иднината на тимот ја довери во сигурни раце.
По долгата и плодна кариера како тренер на голмани и дел од стучниот штаб, Царчев за прв пат ќе ја има улогата на прв тренер на тимот.
Тоа што оваа сезона ќе бидам прв тренер на ЖРК Вардар, за мене е голем предизвик и една нова авантура на која можам да одговорам со целото мое ракометно искуство. До сега бев на позицијата тренер на голмани, каде што бев фокусиран максимално на работата, слободно можам да кажам дека сите голмани што сум ги тренирал станеле репрезентативки на Македонија, или напредувале. Сепак сега сакав и добив поголем предизвик во кариерата, шансата што ја добив во Вардар ме прави среќен, особено фактот што ќе работам со млади и перспективни играчи со кои располагаме за кои се надевам дека многу ќе научат за ракометните вештини од мене. Сакам да ја искористам приликата да се заблагодарам на управата, Гордана Нацева, Индира Кастратовиќ и Давор Стојановски кои ми дадоа доверба да го водам првиот тим во новата сезона.
Пред два дена новиот кормилар на црвено-црните ги започна летните подготовки со девојките, за предизвиците кои ги очекуваат оваа есен во домашниот шампионат.
Подготовките за новата сезона со девојките ги започнавме на 3.август, неколку дена работиме во Градскиот парк на татран стазата за физичка подготвеност и на помошното игралиште на Стадион. Во оваа фаза од подготовките со девојките работи колегата, Борис Данески кој е кондиционен тренер во тимот заедно со Нина Бојаџиска. По 9.август ќе имаме комбинирана програма, еден тренинг на отворено и еден во сала со девојките.
Новиот шеф на стручниот штаб веќе има зацртано и програма за контролни дуели, настапи на турнири и меѓународен предизвик.
Околу контролките имам зацртано богата агенда, ќе одиграме пријателски средби со неколку домашни екипи, потоа следи настап на меѓународниот турнир во Ѓорче Петров на 27.август, планот ми е пред почетокот на сезоната во септември да одиграме контролен меѓународен натпревар со тим од Грција, екипата на Панорама од Солун.
Зборуваме во продолжението за очекувањата на Царчев од претстојната сезона која ќе започне на почетокот од месец септември.
Во новата сезона очекувам добри натпревари иако имаме подмладена екипа, акцентот ќе биде постепено тимот да созрева, како на играчи така и на секој план. Секогаш Вардар ќе атакува на врвот, тоа е наша должност, иако имаме силна конкуренција оваа сезона во многу екипи кои се засилија со квалитени играчи во својот ростер. Се надевам на успешна сезона.
Последно нешто за оваа прва изјава како прв човек во стручниот штаб на ЖРК Вардар, побаравме да ни ја изложи својата ракометна визија за црвено-црниот женски ракометен колектив.
Мојата ракометна визија е да создаваме квалитени домашни играчи кои понатаму ќе играат за националниот тим, потоа ќе работиме на планот ЖРК Вардар да биде препознатилив во нашата лига, со многу трчање и модерен ракомет. Имаме на располагање ростер од 25.играчи и на сите треба да им се даде прилика за да играат и да напредуваат, шанса ќе добијат од мене и младите, само треба да ја искористат истата. Да се покажат со нивното залагање, посветеност за успех и напредок на играчки план. Времето ќе покаже дали сме на правиот пат, но сепак најважно е сите играчи да напредуваат и да бидат среќни на натпреварите со своите прикажани игри во вардаровиот дрес.