Вардар без поголеми проблеми успеа да стигне и до втор триумф на турнирот во Струга. Вечерва избраниците на Недановски стигнаа до висока победа на натпреварот со екипата на Бутел, славејќи со резултат 32:20.
Екипата на Бутел само во стартниот период во два наврати беше во предност од 0:1 и 1:2, за Вардар да постигне три гола во серија, од кои два на Манасков за водство од 4:2. Последен пат, противникот успеа во 10.минута да го израмни резултатот на 4:4. До крајот на првото полувреме, избраниците на Грчевски постигнаа само четири голови, наспроти 14 на нашиот Шампион.
Вардар погодуваше од различни позиции и играше добро во одбраната, додека Бутел се потешко се снаоѓаше на теренот. Со четвртиот гол на Манасков, во 16 минута имавме водство од 9:5. Одличен денес беше и Куни Моралес, кој со два последователни голови веќе зголеми на 12:6. Тренерот на Бутел, во два наврати побара тајмаут во првиот дел од натреварот, но истите не дадоа резултат за неговите играчи. На денешниот натпревар во стартниот состав на десната крилна позиција беше Ален Ќосевски, кој одлично ги искористи минутите кои ги доби од тренерот Недановски, токму со неговиот трет гол, Вардар имаше високи 13:7. Серијата за нашиот состав продолжи и до крајот на првото полувреме, кога најпрво погоди Атанасовски за прв гол, а со звукот на сирената погоди Манасков, за двоцифрена предност од 18:8 на полувреме.
Вардар продолжи да ја полни противничката мрежа и во вториот дел, Ќосевски одличен со својот четврти гол и Моралес со вкупно пет гола, му донесоа веќе високи 24:11 на својот тим. Недановски даде шанса на голем дел од играчите кои беа во составот за овој натпревар. Вардарци го контролираа резултатот, разликата се движеше од 10-12 гола предност и беше само прашање со каков резултат ќе заврши. Конечниот резултат гласеше 32:20.
Најефикасен кај Вардар беше Ќосевски со 6 голови, додека 5 имаа Манасков, Талески и Моралес. Вардар за место во големото финале, ќе мора во последното коло да го победи тимот на Целје, кој славеше и денес во дуелот со екипата на Алкалоид, па така Вардар и Целје во пресрет на последното коло имаат максимален број на освоени бодови.