Пионерското градско дерби му припадна на Работнички. Денес на теренот на Локомотива, на натпревар од 4.коло во Супер Лигата, Вардар беше домаќин на Работнички, противник од кој беше поразен со резултат 0:3.
Овој резултат можеби не изненадува, ако се знае дека денес тренерот Герасимовски не можеше да смета на услугите на Лефковски, Краљевски, Гаштаров, па и без Милош Спасовски кој во 25 минута поради повреда беше принуден да го напушти теренот, сепак и покрај ова, не може да се намали „тежината“ на победата за градскиот ривал, кој сосема заслужено ги освои трите бода од денешниот натпревар.
Еден ист играч успеа да запише хет-трик во триумфот на Работнички, се работи за Генц Кќику, кој ја погоди нашата мрежа во 8, 15 и 68 минута од натпреварот. Нашите пионери во првото полувреме имаа обиди преку Ајетовиќ и Танчев кој биеше на центар шут од Алексовски, но ништо посериозно кон голот на гостинскиот тим.
Првата голема шанса ја имавме во вториот дел преку нововлезениот Хабиб Бектеши и тоа стопроцентна шанса за овој играч, кој биеше од прва после центар шут од левата страна на Танчев, сепак од неколку метри не успеа да го совлада голманот на Работнички. За одбележување е уште и ударот на Нуман Ајетовиќ од преку 20 метри, кој го спречи Хаџибулиќ. На крајот конечни 0:3 во корист на Работнички, и прв пораз сезонава за пионерите на Вардар, кои ќе го препуштат првото место токму на денешниот противник.
Вардар: Стефан Нанчовски, Милош Спасовски, Нуман Ајетовиќ, Александар Миовски, Драган Јанкоски, Димитар Порчу (К), Марко Николовски, Андреј Величковски, Михаил Танчев, Матеј Ѓорѓиевски и Матеј Анастасов.
Играа уште и Мирза Хасиќ, Дамјан Алексовски, Хабиб Бектеши и Ангел Брзаковски.