Ракометарите на Вардар денес го играат реванш натпреварот од 1/4 финалето во СЕХА лигата против екипата на Војводина. Црвено-црните имаат висока предност (38:25) од првиот натпревар во Скопје, па денешниот натпревар треба да биде само формалност.
Сепак во пресрет на реваншот, од таборот на Вардар најавуваат претпазливост и секако цел е да се победи. Какви се очекувањата можете да прочитате од изјавите на Недановски и Георгиевски.
-Немаме многу време за одмор бидејќи сега имаме набиен распоред на натпревари. Вчера игравме домашно првенство, сабајлево трениравме и веднаш заминуваме за Нови Сад. Имаме голема предност од првиот натпревар, но без разлика на тоа ќе бидеме максимално фокусирани на натпреварот со Војводина. Тие во Скопје играа со комбиниран тим, но не знаеме како ќе биде сега. На секој меч одиме со мисла да победиме. Во Нови Сад ќе бидеме без Борко Ристовски, Стојанче Стоилов и Дарко Ѓукиќ. Нема што многу да менуваме во играта, треба само да го наметнеме нашето темпо. Секако ќе добијат шанса сите да играат, изјави Недановски.
Почнуваме да се навикнуваме на ова темпо на играње натпревар на секои 2-3 дена. Сега е најважниот дел од сезоната. Војводина одигра добро во Скопје, иако на крај разликата беше висока во наша корист. Верувам дека и тие се надеваат дека може да не победат, а ние секако сериозно го сфаќаме тој натпревар. Нема што да калкулираме ниту да размислуваме – едноставно сакаме да победиме, истакна Георгиевски.
Натпреварот ќе стартува во терминот од 16:30 часот.