Екипата на РК Вардар стигна до рутинска победа, на натпревар од Супер Лигата. Во С.Ц. Јане Сандански, попладнево црвено-црните беа подобри од екипата на Охрид со резултат 35:19.
Охрид допатува речиси со младински состав, што отвори простор за тренерот Недановски да им даде шанса на ракометарите кои добиваа помала минутажа во изминатиот период, како Ќосевски, Стојановски, Добрковиќ. Во составот воопшто ги немаше искусните Марковски, Георгиевски и Стоилов, додека Талески, Моралес, Чувара и Дутра не ни влегоа во игра. На полувреме имавме предност од 14:8.
Разликата во вториот дел константно растеше во наша корист, а минутажата најдобро ја искористи младиот Марио Стојановски кој беше прв стрелец на Вардар со 6 постигнати голови. Ниту во еден момент не беше доведена во прашање победата, која на крајот беше изразена со двоцифрена разлика. Покрај Стојановски, кај Вардар се истакнаа уште и Манасков и Лазаревски кои постигнаа по 5 голови.