ФИНАЛЕ ЗА ГЕНЕРАЦИЈАТА 2008 НА „ВАРДАР КУП СКОПЈЕ“
Генерацијата 2008 успеа да обезбеди финале на турнирот кој е во организација на ФК Вардар. Во рамките на полуфиналето, нашите млади надежи после изведување на удари од белата точка беа подобри од екипата на Национал Софија (5:4).
Гледавме квалитетен и борбен натпревар до последната судиска свирка, како и што доликува на еден полуфинален натпревар на ваков силен турнир. Во регуларниот дел натпреварот заврши без победник (1:1). Екипата од Бугарија по првото полувреме имаше предност од 1:0, но Вардар беше подобриот тим во вториот дел од натпреварот.
Избраниците на Колев притиснаа во вториот дел, имаа повеќе од играта и заслужено стигнаа до израмнувачки гол кој беше дело на Христијан Марковски за 1:1, резултат кој беше и конечен во регуларниот дел.
Се пристапи на изведување на пенали, каде како подобар се покажа нашиот тим, кој погоди во сите пет серии, а прецизни од белата точка беа Илија Митаноски, Христијан Јевтоски, Стефан Бујаровски, Иво Марковски и Душан Бојовиќ Заев кој го постигна победоносниот гол, вреден финале на турнирот. Еден удар од белата точка одбрани нашиот голман, Павел Грбевски.
Утре, во големото финале за трофејот ќе се бориме со екипата на Лудогорец која во полуфиналето со резултат 3:0 беше подобра од екипата на Црвеа Ѕвезда.
Честитки до младите вардарци, кои оставија срце на терен и на крајот заслужено се радуваа.