Рутинска победа за кадетките на ЖРК Вардар, на натпревар од 6.коло против екипата на Јехона. Избраничките на Анжела Платон славеа на домашен терен во соочувањето со Јехона, конечниот резултат гласеше 37:14 (17:8).
Вардарки имаа предност и контрола на играта во текот на целиот натпревар, кој беше отворен со голот на Франгоска, за по 11.минути игра да имаме водство од 7:2, откако противничката мрежа ја погоди Сара Ристовска. Серијата продолжи и при резултат 9:2, за Јехона да го намали резултатот на 9:4. После 20.минути игра резултатот беше 11:5, откако погоди Сара Дамјановска, додека на пет минути пред крајот откако нашиот голман, Тамара Ѓорѓиева одбрани пенал, тоа го награди Ива Соколовска која зголеми на 14:7. После двојна одбрана на Ѓорѓиева, резултатот 17:8 на полувреме го постави Мила Ристовска.
На стартот на вториот дел, Дамјановска ни донесе и двоцифрена предност од 18:8. Во второто полувреме, нашиот стратег им даде шанса за настап на сите ракометарки, кои беа на располагање за овој натпревар. Предноста само растеше во наша корист, па така во 50.минута со голот на Соколовска имавме водство од 30:14, за серијата да продолжи и со погодокот на Мила Ристовска да имаме убедливи 34:14. До крајот на натпреварот постигнавме уште нови три гола, за висока победа изразена со 23 гола разлика. Ова е петта победа сезонава за нашите кадетки.
Вардар: Хасаноска, Станковиќ, Стојанова 3, Франгоска 3, Божиновска, Јанева, Дамјановска 5, Павичевиќ 1, С.Ристовска 7, Тодоровска 1, Соколовска 6, Петрова 2, М.Ристовска 4 и Попова 1