Ракометарите на Вардар утре наутро заминуваат на мала турнеја, која ќе започне во Бања Лука, а ќе заврши во Нашице. После репрезентативните обврски и настапите на европското првенство кое беше актуелно во Полска, избраниците на Раул Гонзалес се враќаат на клупските натпревари. Тимот ќе биде комплетиран во Босна, откако на екипата ќе се приклучат Хорхе Македа и Игор Карачиќ, кои освоија медали со своите репрезентации.
Првиот натпревар во новата година ќе биде одигран во петок во Бања Лука, против екипата на Борац и истиот ќе започне од 20 часот. Со овој противник веќе одигравме оваа сезона еден натпревар и тоа оној во Скопје, во рамките на 9 коло од истото натпреварување. Црвено-црните без поголеми проблеми славеа на тој дуел со убедливи 39:27. По завршување на овој дуел, Вардаровата експедиција ќе замине за Хрватска (Нашице), каде ги очекува нов натпревар во сеха-лигата. Противник ќе биде секогаш незгодниот тим на Нексе, кој последниве неколку години е втор најдобар тим во Хрватска. На натпреварот одигран во Скопје, успеавме “тесно“ да победиме со резултат 31:28. Овој натпревар во сабота ќе се одигра со почеток од 19 часот. Вардар го држи врвот на табелата заедно со екипата на Веспрем, со која имат идентичен број на освоени 34 бодови. Сепак Унгарскиот првак има два натпревари помалку одиграно. Црвено-црните се изразити фаворити на двата дуели, кои ќе им послужат како подготовка и воигрување на екипата пред продолжување на настапите во лигата на шампиони и првиот дуел против Рајн-Некар.
По завршување на обврските во сеха-лигата, екипата се враќа во Скопје каде ќе тренира неколку дена, пред заминувањето за Германија. Најважно е што сите играчи кои беа дел од своите селекции на европското првенство се здрави и подготвени да се стават на располагање на тренерот Гонзалес. Како што е познато тимот нема да може да смета на услугите на Стоилов и Манасков, откако клубот реши да ги суспендира поради инцидентот во кој беа вмешани во вторникот наутро.