Во сабота не очекува нов натпревар од лигата на шампионите во машка конкуренција. Црвено-црните во арената Јане Сандански го пречекуваат тимот на Кристијанштад од Шведска. Одлична можност за Вардар да се врати на победите во најголемото ракометно натпреварување и до крајот на групната фаза да влезе во израмнета битка за место погоре на табелата. На првиот меч одигран на гостински терен, нашиот тим славеше со сигурна игра во текот на целиот натпревар. Кристијанштад исто така има свои замисли за овој натпревар, борејќи се за позицијата која води во осминафиналната рунда. Тренерот на голманите во Рк Вардар, Горан Симиќ ја предава фаворитската улога на својата екипа, со претпазливост дека противникот има квалитет кој го покажал од почетокот на групната фаза.
-Сигурно дека на двете екипи им се потребни бодовите, но според мене Кристијанштад нема што да бара во Скопје. Самото искуство од нашето играње во лигата на шампионите е голема предност во однос на нив. Нема да биде лесно да се дојде до тие бодови, бидејќи Кристијанштад покажа дека може да биде многу незгоден противник. Најголемата опасност од противничкиот тим е неверојатниот брз контра напад. Тоа го покажаа во сите мечеви оваа сезона од лигата на шампионите, но сепак прават и голем број на технички грешки при изведување на таквите акции.
Неговиот син, Небојша Симиќ има сезона од соништата на голот на Кристијаншад. Тој е еден од најдобрите поединци на својата екипа, заслужен за многу победи оваа сезона и за добрите резултати. На саботниот натпревар ќе ги гледаме на спротивставени клупи. Горан би требало да биде на клупата на црвено-црните, како помошник на Гонзалес, додека Небојша најверојатно ќе го започне мечот на голот на Кристијанштад. Интересен ќе биде и голманскиот дуел, каде Штербик е далеку поискусен од црнагорскиот интернационалец.
-Што се однесува до голманската позиција, Вардар е сигурно во голема предност, сепак и Кристијанштад има двајца одлични голмани кои оваа година се “брилијантни“, како во домашното првенство, така и во лигата на шампионите. Со кој голман ќе почне нивниот тренер сеуште не се знае, со оглед дека на секој натпревар почнува различен голман. Небојша одлично го познава тимот на Вардар, бидејќи му е омилен тим кој многу го следи. Емоциите остануваат на страна, мене ме интересира само победа на Вардар, а на Небојша можам само да му посакам среќа на овој дуел, изјави Горан Симиќ за нашиот сајт.
Звонко Ивановски