Кадетите на ракометниот клуб Вардар забележаа многу важна победа на гостувањето во Кавадарци против екипата на Тиквеш. Со овој триумф црвено-црните си обезбедија пласман на завршниот турнир.
Натпреварот започна лошо за нашиот тим кој имаше негатива од 4:1 и 6:2. Сепак Вардар заигра многу подобро во продолжение од натпреварот и во средината на првиот дел најпрво успева да го израмни резултатот на 7:7, а неколку минути потоа и да поведе со 8:9. Во следниот период се игра гол за гол на двете страни, но во последните десет минути Вардар е подобар противник на теренот, кој успева да направи неколку серии на погодоци и да поведе со резултат 13:16. До крајот на првиот дел двете екипи постигнаа по три погодоци за на одмор да се замине со предност на Вардар од 16:19.
Во второто полувреме избраниците на Слободан Чивлачки продолжија да ја зголемуваат предноста и отворија со два гола за највисоки 16:21. Како одминуваше мечот Тиквеш се повеќе губеше сили да се надигрува со Вардар. Расположените Карапалевски и Атанасовски го полнеа нивниот гол, што резултираше со вдство од 17:25. На десет минути пред крајот предноста на црвено-црните стана двоцифрена, откако резултатот на семафарот гласеше 23:33. Победникот беше решен а остатокот од натпреварот нашиот тренер го искористи да им даде шанса за настап на сите играчи кои беа на располагање за ова гостување. Конечниот резултат гласеше убедливи 27:40.
Мартин Карапалевски откако се врати на терените втор меч по ред постигнува двоцифрен број на голови, вкупно 10, додека Тони Атанасовски имаше 9.
РК Вардар: Кизиќ, Брунчевиќ, Николовски, Атанасовски 9, Карапалевски 10, Антевски 1, Нанов 2, Бикоски 2, Ќосевски 5, Благопетров 5, Ангелковски, Мајсторовски 2, Динов 1, Гроздановски 2, Стојановски 1.