Во рамките на 17 коло во првенството на младинските фудбалски категории, нашите кадети и младинци ќе гостуваат на екипата на Шкупи, додека натпреварите на пионерските екипи се одложени поради настапот на фудбалската репрезентација до 16 години.
Во сабота со почеток од 11 часот на теренот во с. Сингелиќ, екипата на Шкупи ќе ги пречека Вардаровите кадети. Натпревар на две екипи со различно значење, што се однесува до конечниот пласман на табелата. Екипата од Чаир се наоѓа далеку од врвот на седмото место на табелата, со само 19 освоени бодови. Од друга страна избраниците на Влатко Колев во пролетниот дел влегоа во добра серија на остварени резултати, каде имаат четири победи и еден нерешен резултат, што ги вмеша во борба за титулата. Вардар се наоѓа на треттото место на табелата со еднаков број на освоени бодови со Шкендија (35) и само еден бод помалку од лидерот, екипата на Металург. Од тука е и големото значење за Вардар, кој води битка за титулата. Во есенскиот дел, на домашен терен го победивме противникот со 3:1. Тогаш стрелци на головите беа: Маркоски, Трајчевски и Петревски. Очекуваме добра игра од нашите кадети и продолжување на серијата победи.
Два часа подоцна на истиов терен својот натпревар ќе го одиграат младинците на Шкупи и Вардар. И тука е речиси идентична ситуацијата. Противникот е осмопласиран со 19 бодови, без никави шанси за пласман погоре на табелата, додека Вардар води битка за титулата. Ова ќе биде вкупно четврто соочување на двете екипи оваа сезона. Да потсетиме дека Вардар и Шкупи се сретнаа во рамките на 1/4 од купот на Македонија, каде црвено-црните забележаа триумф и на двата натпревари. На првиот меч кој се одигра на истиов терен Вардар победи со 1:2. Тогаш стрелци беа Димков и Апостоловски. На реваншот на теренот на локомотива само ја потврдивме доминацијата, победувајќи со убедливи 4:1. Во првенствениот дуел, бевме подобри со резултат 3:1. Беќири, Димков и Даци му пресудија на тимот од Чаир. Податоци кои ги прават нашит младинци фаворити, но ништо неможе да се знае кога се однесува на дуелите со овој противник.