Friday ,22 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Гоце Петровски: Со задоволство прифативме да бидеме дел од овој голем проект на фудбалскиот клуб Вардар
Гоце Петровски: Со задоволство прифативме да бидеме дел од овој голем проект на фудбалскиот клуб Вардар

Гоце Петровски: Со задоволство прифативме да бидеме дел од овој голем проект на фудбалскиот клуб Вардар

“Вардар Јуниор“ лига е проект на фудбалскиот клуб Вардар, кој има за цел да ја прошири својата школа низ сите градови во Македонија и да им даде можност на сите дечиња кои го сакаат овој спорт да се натпреваруваат во оваа лига. Во првата година на постоењето, Јуниор лигата успешно функционира, секоја недела се играат натпревари во различни возрасни генерации и низ повеќе градови во Македонија. Во наредниов текст подетално ќе ве запознаеме со фудбалската школа Форца и еден од нивните тренери. Гоце Петровски ги има поминато сите младински категории во фудбалскиот клуб Вардар. За првиот тим на Вардар има одиграно една сезона со генерацијата на Мето Спасовски, Сократ Мојсов, Чуличевски и други.  Како играч настапувал и за екипите Работнички, Тетекс, Цементарница, Македонија Ѓ.П и Слога Југомагнат во поранешна Југославија. Тренер во младински категории на Вардар, во првите тимови на Работнички, Металург и Цементара. На 35 годишна возраст потпишува едногодишен договор со ФК Кочани, додека следната година веќе ја завршува својата активна и богата играчка кариера.

Тренерот Петровски на кратко не запозна со историјата на ФК Форца и работата на клубот со младинските категории.

-Со фудбал се занимавам од далечната 1982 година, тренер во повеќе екипи и младински категории и сега во фудбалската школа на Форца-Вардар. Клубот Форца постои повеќе од 15 години, тренери подолг период се Јовче Чипунов и Синиша, кој е поранешен играч на фудбалскиот клуб Вардар, а јас сум веќе 10 години во клубот. Работиме на два терени, кај студентскиот дом-Гоце Делчев во Тафталиџе и на теренот “Сан Сет“ во населбата Аеродром. Сите тројца тренери работиме наизменично со повеќе категории, родени од 1999-2007 година. Сите генерации се натпреваруваат во детската лига, на терените на фудбалската федерација на Македонија и фудбалскиот клуб Работнички, како и “Вардар Јуниор“ лигата.

Без размислување оваа школа се вклучила во овој проект на ФК Вардар, која ги освоила симпатиите на луѓето во Форца.

-Во лигата се вклучивме благодарение на Цено Александровски и Дарко Стојковски, кои се поранешни фудбалери и наши соработници. Нивниот проект ни се допадна, имаме многу деца во школата и со задоволство прифативме да учествуваме во овој голем проект на фудбалскиот клуб Вардар.

Форца е вистински “расадник“ на млади таленти. Многу квалитетни дечиња произлегуваат од оваа школа, која работи со голем успех.

-Преку клубот Форца се афирмираа многу деца, кои денес настапуваат со успех за Вардар, Металург, Работнички, како и во екипи надвор од Македонија. Ние исклучиво работиме на создавање млади талентирани фудбалери за горе споменатите екипи. Нашите играчи завршуваат во овие клубови. Секако дека не одат сами, не следат тренерите кои работат во младинските категории на Вардар кои ја следат школата. Кои деца им оставаат впечаток ние ги ослободуваме и денес со успеси настапуваат за најголемиот клуб во Македонија.

Изминатиов викенд, екипата на Форца беше дел од четвртиот пролетен турнир кој се одигра на Академијата на фудбалскиот клуб Вардар. Тие настапија со гененерации родени “2003“ и “2004“ година и забележаа убедливи победи.

-Се чуствуваме надмоќно над другите екипи. Откако почна лигата резултатите се убедливи, работата на клубот се гледа според постигнатите резултати и задоволен сум од залагањето на децата и нивните остварени резултати, изјави Гоце Петровски за Вардар Фанс.

Звонко Ивановски