Црвено-црните девојки брзо се опоравија од поразот против ЦСМ Букурешт и во денешната борба за третото место ја совладаа екипата ан Будуќност. Сосема поинакво издание за нашиот ракометен шампион, кој денес одигра одлично во двата правци на игра и на крајот сосема заслужено победи. Ова е веќе трет бронзен медал за Вардарки од завршните турнири во лигата на Шампиони. Трета година по ред сме трети во Европа, што претставува исто така голем успех. На прес-коференцијата после завршување на овој натпревар, пред медиумите се обратија Давид Камара и Јованка Радичевиќ.
-Со овие ракометарки работам три месеци и денеска сум многу горд на нив и на одиграниот натпревар. Вчера имавме лош ден и го одигравме најлошиот натпревар откако сме заедно, но мислам дека работевме многу добро и напорно во овие три месеци и денеска го покажавме тоа, покажавме дека знаеме да играме ракомет. Кога играте еден меч 60 минути, сѐ може да се случи, ќе почнете лошо или ќе почнете добро, но што и да се случи, ако загубите мора да се разбудите. Ова е само еден викенд, нема време за плачење мора да се трудиш да победиш, тука сме за да победуваме, а не за да се дружиме, ние тоа и го направивме. Нашиот тим се крена од поразот побргу отколку Будуќност, рече Камара.
Радичевиќ напомена дека е среќна што го победивме Будуќност, но е и од освоеното трето место. Напомена дека доколку сме одиграле половина од ова против Букурешт, би играле и финале.
-За мене ова беше најтежок натпревар во кариерата. Бевме многу разочарани по вчерашниот пораз. Сакавме да победиме затоа што вчера не покажавме ништо. Вчера да одигравме половина од ова, денеска ќе бевме во финалето. Не сум среќна за третото место, бидејќи ние заслужуваме финале. Среќна сум што успеавме да го победиме Будуќност. Денеска покажавме дека играме како тим и дека тренерот има доверба во сите играчи. Среќна сум што победивме, но сепак, ова е фајнал фор во Лигата на шампионите и овде секој доаѓа со желба да ја освои титулата, изјави Радичевиќ.