Екипата на ЖРК Вардар по четврти последователен пат го освојува трофејот од купот на Македонија. Во големото финале, нашиот женски ракометен шампион беше подобар од екипата на Металург, убедливо со резултат 39:21. Претходно во полуфиналето ја совладавме екипата на Куманово (51:18). Сосема очекувано без поголеми проблеми успеавме да се закитиме со нова титула од куп натпреварувањето.
По завршување на финалниот натпревар беа доделени и поединечните награди. За најкорисен играч, или МВП на завршниот турнир беше прогласена Андреа Кликовац. Најдобар голман на турнирот е Ина Суслина, додека со 17 постигнати гола на двата натпревари, Андреа Човиќ е избрана за најдобар стрелец.