Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Борјан Дамјаноски: Наградата за најдобар играч е мој најголем успех до сега и круна на сиот мој вложен труд, Јуниор лигата ми даде можност да ги покажам моите квалитети
Борјан Дамјаноски:  Наградата за најдобар играч е мој најголем успех до сега и круна на сиот мој вложен труд, Јуниор лигата ми даде можност да ги покажам моите квалитети

Борјан Дамјаноски: Наградата за најдобар играч е мој најголем успех до сега и круна на сиот мој вложен труд, Јуниор лигата ми даде можност да ги покажам моите квалитети

 “Јуниор“ лигата која беше во целост проект на ракометниот клуб Вардар беше вистинско откритие, но и голема среќа за сите спортисти кои се занимаваат со овој спорт. Голема беше честа за ракометните школи низ цела Македонија да бидат дел од “Јуниор“ лигата, каде нивните деца имаа можност преку натпреварите да ги покажуваат своите квалитет. Повеќе од 20 ракометни школи беа дел од овој голем проект на РК Вардар, кој се очекува да биде зголемен во следната натпреварувачка сезона. Ние како медиум продолжуваваме да ги промовираме најмладите, кои беа дел од лигата и да ги дознаеме нивните впечатоци и мислења за оваа лига. По одигрувањето на финалните и оние натпревари за трето место се доделуваа поединечни награди за најдобрите поединци на завршниот турнир. Токму вакво признание и тоа за најдобар играч доби Борјан Дамјаноски, кој со екипата на ГРК Гостивар го освои второто место, кај генерација родени 2004/05 година. Во следново интервју ќе ве запознаеме со ова младо момче, кој сликовито ќе ни ја прикаже завршената сезона во Јуниор лигата, целокупните впечатоци од истата, желбата за ракометот, задоволството од игрите и резултатите на својот тим, добиената награда и секако желбата да биде дел од најголемиот клуб во Македонија.

1. Од каде се роди желбата да започнете да играте ракомет?

-Ракометот е спорт кој едноставно го обожувам. Кога бев помал ги следев натпреварите на нашата ракометна репрезентација и особено натпреварите на РК Вардар во лигата на шампионите и едноставно при тоа се роди љубовта кон ракометот и желбата да се обидам во овој спорт. Се зачленив во ГРК Гостивар – Вардар и со тоа започна мојата посветеност кон овој спорт.

2. Твои целокупни впечатоци за дебитантската сезона во Јуниор лигата и твое мислење за нејзиното функционирање?

- Јас за прв пат учествувам на ваков вид на натпреварување и можам да кажам дека чувството да се биде дел од оваа лига е прекрасно. Организацијата на Вардар јуниор лига беше беспрекорна, поддршката кон нас како играчи огромна и сето тоа ми даваше чувство како да сум дел од некое големо светско спортско збиднување. Вардар Јуниор лигата ни овозможи да покажеме што знаеме и спортски на терен да се бориме, но во исто време ни овозможи и незаборавна дружба и ширење на многу нови пријателства.

3. Колку си задоволен од игрите и резултатите на својата екипа, со која го освои второто место на завршниот турнир?

-Се разбира доколку го освоевме првото место ќе бев најзадоволен, но сепак и освоеното второ место е огромен успех. Во текот на сезоната имавме и лоши денови кога не ни одеше онака како што посакувавме но таков е спортот и поразите се дел од успехот затоа што преку нив согледуваш каде грешиш и се трудиш следниот натпревар да бидеш уште подобар. Нашите тренери се трудеа максимално да не подготват за секој натпревар и тоа што го освоивме второто место секако во голем дел е нивна заслуга. Се разбира, наредната сезона очекувам да го освоиме првото место.

4 .Колку оваа лига ти даде можност да ги покажеш своите квалитети и колку лично си задоволен од себе, од игрите што ги пружи.

-Ова натпреварување ми овозможи покрај како тимски играч да ги покажам и моите индивидуални квалитети. Во Вардар јуниор лигата имав можност да се истакнам и да покажам што знам и умеам и што сум научил за време на тренинзите. Се разбира дека имаше и натпревари во кои можев и подобро да одиграм, но сепак јас сум задоволен од прикажаното. Со оглед на мојата посветеност на ракометот, во иднина очекувам уште поголеми индивидуални успеси.

5. Неколку збора за твојата поединечна награда за најдобар играч. Колку истата ти значи и дали “потајно“ се надеваше дека ќе заврши во твоите раце?

-Се разбира дека сон на секој спортист е освои ваква награда. Мојот сон се оствари. Наградата за најдобар играч е мој најголем индивидуален успех до сега и круна на сиот мој вложен труд. Искрено не очекував да ја добијам но секако дека многу ја посакував и се надевав дека ќе ја добијам. Во изминатиот период вложив многу труд, напорно и посветено тренирав , и секогаш го давав својот максимум на секој натпревар. Многу ми е мило што луѓето кои одлучувале за оваа награда тоа го забележале и одлучиле оваа награда да ми ја доделат мене а со тоа и дополнително да ме мотивираат за остварување на уште поголеми успеси во иднина.

6. После добрите игри во текот на целата сезона во “Јуниор“ лигата, дали очекуваш повик за настап во младинските категории на РК Вардар?

-За мене би била огромна чест и задоволство доколку би добил повик за настап во младинските категории на РК Вардар. Да ги браниш боите на РК Вардар за мене е сон кој се надевам еден ден ќе стане реалност, изјави Борјан Дамјановски за нашиот сајт.

Звонко Ивановски