Иако натпреварувачката сезона во пионерската лига е веќе неколку недели завршена продолжуваат тренинзите и пријателскте средби на оваа младинска екипа на фудбалскиот клуб Вардар и понатаму. Избраниците на Сашо Тодоровски годинава се дефинитивно најдобар црвено-црн фудбалски состав, тие освоија “двојна круна“ откако се закитија со титула во првенството и со пехарот во Купот на Република Македонија.
Според планот тие вечерва со почеток во 20 часот и 30 минути на терените на Фудбалската академија на ФК Вардар во градски парк ќе одиграат тест-дуел со повозрасните колеги од кадетскиот состав на ФК Вардар. Оваа недела пионерите покрај денешниот тест-меч со избраниците на Влатко Колев и во недела ќе одиграат пријателски дуел. На 12-ти јуни во недела ќе бидеме домаќини на врсниците од штипска Брегалница. Исто така и дуелот со штипјани за место на одигрување ќе го има на теренот на Фудбалската академија на ФК Вардар во градски парк, за терминот на одигрување на неделниот дуел дополнително ќе ве информираме на нашиот сајт кој е неуморен следбеник на сите млади категории на големото црвено-црно вардарово семејство. По завршување на првенството пионерите настапија на турнирот на “пријателство“ во Бијелина -Босна и Херцеговина, а потоа во пријателски меч ја совладаа и тетовска Шкендија.