Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Колумна – “Каде Вардар поминуваш среќа, радост донесуваш“.
Колумна – “Каде Вардар поминуваш среќа, радост донесуваш“.

Колумна – “Каде Вардар поминуваш среќа, радост донесуваш“.

Од сите песни низ историјата, преку кои македонскиот народ го испеал светото Вардарово име, се чини дека една ќе остане засекогаш ненатпеана. Легендарната „Ој Вардаре, Македонски“, во еден од своите антологиски стихови нагласува: „Каде Вардар поминуваш среќа, радост донесуваш“. Токму со овие зборови, на најдобар можен начин би можеле да се опишат успесите, кои ни ги приредија нашите „црвено-црни“ јунаци и хероини, во изминативе 10 дена.

Се започна со убедливиот триумф на ракометарите во Манхајм, каде Вардар впиша уште една историска сензација во Лигата на Шампионите, приредена на германско тло. Веднаш потоа избраниците на стратегот Раул Гонзалез, забележаа две нови гостински победи и во регионалната СЕХА Лига. Најпрвин, рутински беа освоени бодовите во Крагуевац, додека во наредниот натпревар, бранителот тронот го сруши и Татран, среде Прешов.

Победничките манири на сениорскиот состав, очикледно делуваа мотивирачки и на кадетскиот тим, предводен од нашата голманска легенда, Зоран Петковски. Неговите пулени, машки го издржаа примитивното „гостопримство“ во Автокоманда, и извојуваа драгоцена победа во битката за титулата против главниот конкурент, Металург.

За ракометниот „хет-трик“ да биде комплетен, се погрижија дамите од ЖРК Вардар, кои „воскреснаа“ како Феникс, во вистинскиот час. Иако нивните резултатите во тековната сезона во Лигата на Шампионките, се далеку од очекувањата на јавноста, Вардарки смогнаа сили да ги надминат пеовите и да победат кога беше најпотребно. Благодарение на уверливата игра во финишот од средбата против бундеслигашот Лајпциг, тимот предводен од Индира Кастратовиќ, ги задржа шансите пласман меѓу осумте најдобри, во европската елита.

Свој печат на триумфалните походи на сите вардарови „чети“, удрија и нашите миленици кои се бават со „најважната споредна работа на светот“. По одлично одработената подготвителна турнеа во Анталија, фудбалерите блеснаа во шампионскиот сјај, уште во првото пролетно коло. Кратовските „барикади“, не издржаа пред налетот на надојдениот Вардар, кој се „излеа“ за само десет минути со три погодоци во противничката мрежа.

Како и да е, пред нас е долга пролет, а вистинските предизвици допрва престојат. Нашите ракометни претставници во машка и женска конкуренција, ги очекуваат решавачките натпревари за пласман во ¼ финалињата од шампионската лига. Истовремено, фудбалерите влегуваат како лидери на табелата, во двата завршни круга од домашното првенство. Императивот да се врати титулата онаму каде што отсекогаш припаѓала, треба да биде најава за уште една луда „евро-одисеја“, каде сите очекуваме ФК Вардар конечно да ја покаже својата вистинска големина.

Редоследно, искрено се надеваме и веруваме, дека победничкото „црвено-црно лудило“ штотуку започна, а неговата кулминација ќе еруптира во периодот што предстои. Копјата се веќе вперени кон највисоките врвови, на домашната и меѓународната сцена. Титулите се на дофат, додека „стариот континент“ оправдано стравува од нови „поплави“, предизвикани од спортските великани кои го носат името на најголемата македонска река.

..  Ој Вардаре Македонски, од извора па низ цела Европа, ти ја красиш Македонија !

НАПОМЕНА :Автор  не е дел од редакцијата на ВардарФанс-Колумните ќе бидат дело на лица кој сакат преку истите да искажат свој став а ние ќе им дадеме простор на сајтот да допрат до Вардаровите Фанови .