После младинскиот голман Игор Алексовски, нашиот фудбалски шампион преку својата официјална страна го потврди и второто засилување за сезоната која претстои. Нов играч на црвено-црните е Џонатан Балотели кој доаѓа од екипата на Трабалхадоре. Се работи за класичен напаѓач од Бразил, кој има настапувано и за неколку други екипи. Балотели ќе биде големо засилување за Вардарци, во пресрет на квалификационите натпревари во лигата на шампионите. Како што знаеме противник ќе ни биде екипата на Динамо Загреб.
-Среќен сум што сум дел од клубот, но само што пристигнав, сигурен сум дека ме чека многу работа. Ми треба повеќе време за да се запознам со сите и да се навикнам на новата средина. Знам дека Вардар е голем клуб во Македонија и дека изминатава сезона го освоија првото место во лигата, а мојата желба е и другата година да се повтори тоа заедно со мене, исто така се надевам на успех во европските натпреварувања, рече Балотели за официјалниот сајт на ФК Вардар.