Нашиот фудбалски шампион денес го одигра и вториот контролен натпревар на подготовките во Австрија. Противник ни беше екипата на Спартак Трнава (Словачка). Како и првиот контролен меч, така и овој резултатот на крај гласеше (1:1). Голот за Вардар го постигна Петар Петковски од пенал во 11 минута.
Тренерот Гоце Седлоски го започна натпреварот со следниве 11-сетмина: Алексовски, Брдаровски, Мијушковиќ, Велковски, Глишиќ, Николов, Грозданоски, Љамчевски, Петковски, Обрегон и Ќеран. Свое деби во екипата имаше младиот голман Игор Алексовски, кој денес беше официјално потврден како засилување на клубот.
Уште во првата минута од мечот имаше спорна ситуација, кога по една грешка на одбраната Петар Петковски беше соборен во противничкиот шеснаесетник, но судијата се одлучи играта да продолжи. Во 6 минута, Трнава ја имаше првата посериозна прилика. Се создаде опасна ситуација за нашиот гол, но за среќа ударот на противникот од околу 20 метри заврши покрај голот на Вардар. Вардарци во продолжение од мечот беа некако поконкретни во своите обиди, покажувајќи поголема желба да постигнат гол. Во 10 минута од голема далечина се обиде Љамчевски, но далеку од противничкиот гол завршува овој удар. Веќе во следната минута, водство за црвено-црните, откако во шеснаесетникот беше соборен Јон Обрегон. Сигурен реализатор на ударот од белата точка беше младиот Петар Петковски. Во 20 минута од дуелот повторно Трнава се заканува, при една мешаница се создаде ситуација за погодок, но Алексовски успешно брани и спречува измранување. Во наредните повеќе од 15 минути падна темпото на игра, двете екипи без некоја сериозна прилика да погодат. Во 40 минута, противникот се обиде со силен удар, но на своето место е Алексовски кој избива во корнер. Само три минути подоцна се случи израмнувачкиот погодок, за израмнување на 1:1. Овој резултат беше актуелен по првите 45 минути игра.
Во вториот дел Вардар истрча со речиси цел променет тим. Деби натпреварот во црвено – црниот дрес го имаше и Џонатан Балотели. Балотели се најде во шпицот на нападот на месотото на Обрегон. Новиот тим заигра поквалитетен фудбал, во воведните шест минути изведе и три корнери но без поголема закана кон голот на Трнава. Во 57 минута Вардар имаше одлична можност за гол преку Фелипе, но неговиот удар беше изблокиран во последен момент, а топката отиде во нов удар од аголот за Вардар. Се играше и 60 минута, Вардар имаше повеќе од играта, но без посериозна шанса за втор гол. Во 67 минута судијата на овој натпревар направи мал тајм – аут, а до таа 67 минута, речиси ништо позначајно не се случи, откако истрчаа новите лица во нашиот тим, освен шансата на Фелипе. Се играше и 77 минута, а на теренот ништо посебно не се случуваше, Вардар ја држеше и понатаму топката во своите нозе, но без поголема креација во играта за шанса за гол. Ништо позначајно не се случи до крајот на мечот, и овој натпревар заврши без победник 1:1. Ова беше последен тест дуел за Вардар во Австрија.