Најпријатното изненадување во првата ракометна лига во сезоната која измина беше екипата на РК Вардар 2. Овие момчиња кои како шампиони во младинската лига влегоа да се натпреваруваат во првата ракометна лига, направија голем успех во нивната дебитантска сезона, освојувајќи го второто место. Ова беше едно ново и големо искуство за нив, каде имаа можност да се надигруваат со поквалитетни и повозрасни екипи. Одиграа борбено во текот на целата сезона, забележувајќи дури 19 победи и само 3 порази во регуларниот дел на сезоната. Во бараж мечот за влез во супер лигата беа поразени од суперлигашот, екипата на ГРК Борец. Еден од најдобрите поединци за Вардарци оваа сезона беше крилото Мартин Димов, кој дава една анализа на изминатата сезона и впечатоците од остварените резултати.
-Во првата лига влеговме како младински прваци кои бевме желни за подобри и поквалитетни натпревари. На самиот почеток се спремавме долго време знаејќи дека оваа лига е сосема различна и потешка од младинската во која игравме. Бевме оптимисти и се надевавме на првото место во лигата, но сепак и освоеното второ на крај не е ни малку разочарување, туку голем успех за екипа како нас која пред се е со млади и талентирани играчи.Во текот на сезоната имавме 3 порази, 2 од ХЈС Работник и 1 од Текстилец ,но во другите натпревари бевме целосно доминанти и убедливи. На крајот докажавме дека можеме да се носиме со секого и секако овој успех немаше да го постигнеме без нашиот тренер Стојан Петрушевски кој низ текот на целата сезона укажуваше на нашите грешки и беше најзаслужен за постигнатиот успех.
Девет играчи од РК Вардар 2, меѓу нив и Мартин Димов потпишаа договори со екипата на РК Вардар Јуниор и од следната сезона ќе се натпреваруваат во најсилната супер лига.
-Според мене ова беше едно многу големо искуство кое што ни е неопходно за предизвиците до година. Од следната сезона очекуваме исто така добра сезона која што ќе биде уште потешка и се надеваме на место кое ќе ни носи излез во Европа каде ќе стекнеме и интернационално искуство, изјави Мартин Димов за нашиот сајт.
Звонко Ивановски