Четврта година по ред ракометните екипи на Вардар ќе играат во најголемото ракометно натпреварување, лигата на шампиони. Во текот на утрешниот ден ќе ги дознаеме противниците на двете наши екипи во групната фаза од ЛШ.
Вардарки за прв пат при извлекување на ждрепката се наоѓаат во првиот шешир, заедно со екипите на Будуќност, Ѓер и Ларвик. Тоа се екипите кои последниве години доминираат во женскиот ракомет. Само да потсетиме дека во првата наша сезона во ЛШ, црвено-црните преку квалификациски турнир обезбедија место во групната фаза. Сега е се поинаку, резултатите од претходниве три години му даваат можност на Вардар да добие полесни противници во групата. Тука ќе ги немаме за противнци гореспоменатите екипи, па нашиот шампион ќе биде голем фаворит за освојување на првата позиција. Можно е уште во групата повторно да играме со ЦСМ Букурешт, кој е актулен европски првак и се наоѓа во вториот шешир, како и добро познатиот Митјиланд од третиот шешир, а можно е играње и со Ростов Дон од четвртиот шешир. Но ова се само можните потенцијални противници за црвено-црните во првата фаза од лигата на шампионите. Дури по завршување на утрешната ждрепка ќе можеме подетално да ги анализираме нашите противници.
Нашиот машки ракометен шампион исто така четврта година ќе биде дел од ова големо натпреварување. Претходниве три години за “влакно“ ни бегаше завршниот турнир во Келн, па се надеваме дека оваа сезона ќе имаме повеќе среќа во остварување на целта. Прво скалило кон врвот ќе биде една од најсилните групи А или Б во лигата на шампиони. Втора година по ред ЕХФ воведе нов систем кој ги распоредува екипите во посилни и послаби. Црвено-црните ја имаат привилегијата да се натпреваруваат во најквалитетните групи со најдобрите екипи во Европа. Единствено е сигурно дека неможеме да се паднеме со тимот на ПСЖ. Сите други опции се во игра. Се надеваме дека ќе добиеме група по мерка за нашиот шампион, кој ќе се бори за едно од првите две места кои носат предност на домашен терен на реванш натпреварите од елиминациската рунда.