Пред три години, тогашниот шпански јуниорски репрезентативец Алекс Душебаев беше претставен како ново засилување на црвено-црните. Тој заедно со руските репрезентативци Дибиров, Чипурин и Растворцев ја започнаа новата ера на нашиот ракометен шампион и враќање на настапите во лигата на шампионите. Алекс како најдобар десен бек во АСОБАЛ лигата беше најавуван како големо засилување за РК Вардар со кој потпиша договор на две години. Заедно со неговиот татко Талант, требаше да бидат дел од Атлетико Мадрид, но поради финансиските проблеми дојде до распаѓање на овој клуб, кој претходно настапуваше под името Суидад Реал.
Добрите игри во црвено-црниот дрес беа добра препорака за управата на клубот, во месец мај минатата година да го продолжат неговиот претстој во Скопје на уште две сезони, а новата натпреварувачка сезона ќе биде последна за него во составот предводен од Раул Гонзалес. За овие три сезони во екипата на Вардар во лигата на шампионите постигна вкупно 178 гола. Многу пати беше дел од идеалниот тим на колото во најголемото ракометно натпреварување, избран во ол-стар тимот на сеха-лигата за изминатава сезона, како и прогласен за најдобар млад играч пред две години. Го паметиме неговиот гол пред три сезони, кога во последната минута постигна ретко виден гол на ракометните терени, на реванш натпреварот против Хамбург во осминафиналето од ЛШ, кога на крајот Вардар се радуваше на пласманот во следната рунда. Уште многу погодоци за младиот Алекс, кој целосно ги оправда очекувањата на нашиот ракометен шампион, а од минатата година е дел и од сениорската селекција на Шпанија. За жал од натпреварувачката сезона 2017/18, Алекс Душебаев заминува во Киелце, каде ќе настапува заедно со неговиот татко.
Погледнете некои од головите на Алекс Душебаев во дресот на Вардар: