По повод запишувањето на нови членови во младинските категории на фудбалскиот клуб Вардар, денес во просториите на новата академија се одржа прес-конференција на која пред медиумите се обратија директорот на академијата-Марио Кофилоски, директорот на младинската фудбалска школа-Горан Митев и координаторот-Саше Милошевски. Интересот на децата за тренирање во најголемиот македонски клуб секојдневно расте. Сите заинтересирани тоа можат да го сторат до 31-ви август. Вардар ги нуди сите услови, можност и поволности за нормална работа со секое дете кое сака во иднина да стане врвен фудбалер. Академијата е изградена по европски стандарди, а ретко кој клуб на балканот може да се пофали со ваков тренинг центар. Останува само на најмалите да дојдат и да бидат дел од големото црвено-црно семејство.
-Со отворањето на новиот објект, условите за работа се на врвно ниво и по највисоки европски стандарди. Со изградбата на Академијата нашите врати ги отвораме и за деца кои сакаат да играат фудбал без претходни познавања. На сите деца ќе им биде дадена шанса да го докажат својот фудбалски талент и еден ден да го исполнат својот сон. Да бидат фудбалери на Вардар и на Македонската репрезентација, рече директорот на Академијата- Марио Кофилоски.
Директорот на младинската школа, господинот Горан Митев кажа дека децата ќе работат со докажани тренерски имиња.
-Академијата ќе ја користат деца од 6 до 14 години. Децата ќе бидат распоредени по генерации, а со нив ќе работат докажани тренери со лиценци – изјави Горан Митев. Воедно директорот на младинските категории и ги повика заинтересираните да се пријават до 31-ви август во Фудбалската Академија.
Човекот кој секојдневно е посветен на работата во младинските категории на фудбалскиот клуб исто така денес се обрати на медиумите
-Стручниот тим на ФК Вардар редовно ќе ги вреднува резултатите на своите програми, следејќи го развојот на секое дете. Тренажниот процес покрај тактичко-технички тренинзи ќе се состои и од вежби за координација, едукативни настави во врска со исхраната како и редовни родителски состаноци, рече координаторот на младинските категории, Саше Милошевски.