Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-19 > Младинците со резултатски пресврт го добија дербито со Пелистер
Младинците со резултатски пресврт го добија дербито со Пелистер

Младинците со резултатски пресврт го добија дербито со Пелистер

Младинците на фудбалскиот клуб Вардар стигнаа до втората победа во лигата, откако денес на гостувањето во Битола беа подобри од екипата на Пелистер. Избраниците на Љупчо Марковски на крајот славеа со резултат 1:3. Стрелци на головите за Вардар беа Јасир Беќири, Есмин Личина и Оливер Дишлиевски

Пелистер беше екипата која прва успеа да го отвори резултатот на овој натпревар. Се играше 18 минута кога Боби Думевски го доведе Пелистер во водство од 1:0. Во продолжение од мечот следеше подобра игра на црвено-црните која резултираше со израмнување на резултатот. Пред крајот на првиот дел, во 39 минута Јасир Беќири успева да го израмни резултатот на 1:1, што беше актуелен и по првите 45 минути.

Во второто полувреме Вардар беше надмоќен на теренот, не дозволувајќи му на противникот да направи ниту една посериозна шанса кон голот на Трајчевски. Од друга страна ние успеваме да постигнеме два гола во мрежата на Пелистер. Најпрво во 61 минута за прва предност од 1:2 погоди капитенот Есмин Личина, додека на четири минути до крајот на мечот во листата на стрелци се запиша и нововлезениот Оливер Дишлиевски за водство од 1:3. Овој резултат се покажа како конечен до крајот на дуелот.

Ова се нови три големи бода за младинскиот состав, кој има проблеми околу составувањето на екипата. Само три измени во Вардар и тоа направени во последните десет минути од мечот. Радува враќање на Виктор Димков, кој беше стартер на овој натпревар.

ФК Вардар: Трајчевски, Т. Тодоровски, Ричков, Б. Тодоровски, Личина, Димков, Додевски, Беќири, Димитровски, Хамзиќ, Папучиев.

Во игра влегоа уште и Дишлиевски, Најдоски и Стојковски.