Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Горазд Попов: Играњето во Вардар за мене е огромна чест и поттик да бидам уште подобар и знам дека ќе дадам се од себе еден ден да заиграм во првиот тим
Горазд Попов: Играњето во Вардар за мене е огромна чест и поттик да бидам уште подобар и знам дека ќе дадам се од себе еден ден да заиграм во првиот тим

Горазд Попов: Играњето во Вардар за мене е огромна чест и поттик да бидам уште подобар и знам дека ќе дадам се од себе еден ден да заиграм во првиот тим

Во следново наше интервју ве запознаваме со членот на Вардаровата генерација родени “2004“ година. Се работи за Горазд Попов кој има голем потенцијал да прерасне во врвен фудбалер. Незаменлив дел од играта на оваа генерација која бележи големи успеси, како во домашни, така и во меѓународни рамки. Може да игра на неколку позиции на теренот и да одговори на сите поставени задачи на тренерот.

1. Како се случи да се занимавате со фудбал. Дали овој спорт беше ваша прва желба и што беше она што најмногу ве потикна да играте фудбал ?

- Уште како многу мал, од моја шест годишна возраст, мојот татко, кој е инаку голем љубител на фудбалот и воопшто на спортот, откако увидел дека мојата омилена играчка е фудбалската топка и имам вишок на енергија ( барем така викаат моите родители ), заедно со мојата мајка се решија да ме запишат во фудбалски клуб. Мислам дека не згрешија, зошто и ден денес, кога ке помислам на спорт, првото нешто што ми паѓа на памет е фудбалот, и можам слободно да кажам дека тоа е мојата прва љубов.

2. Каде беа вашите први почетоци и под водство на кој тренер ?

- Моите фудбалски почетоци беа во фудбалскиот клуб Кул од Скопје, на Рацо Цветановски и Борче Боев, а под тренерската палка на Александар Цветковски, каде научив многу работи за фудбалската игра. Би сакал воедно да им се заблагодарам на сите тројца, за коректниот однос, и за несебичната поддршка и знаење кое ми го пренесоа во тие изминати, скоро 4 години. 

vardarfans gorazd popov

3. Како Горазд ја гледа фудбалската игра и дали има посебна визија за успех во фудбалот?

-Откако паметам за себе, сум сакал да бидам победник, да бидам најдобар, да постигнувам успеси и знам дека само со напорна работа, љубов и посветеност тоа може да се постигне. Имам огромна поддршка од моите родители и тоа ми е доволно. Останатото е мое. Доколку сакам да постигнам нешто во фудбалот, знам дека морам да работам напорно и посветено на таа зацртана цел, па успехот сам по себе еден ден ќе дојде. Инаку, фудбалската игра односно фудбалскиот тим за мене е една голема фамилија, во која секој треба да си ја знае својата задача и да ја исполнува колку е можно подобро. Дури и јас, иако сум роден индивидуалец и сакам дриблинзи, знам дека сам неможам против сите, и дека успесите доаѓаат само доколку сме сите сплотени, и взаемно работиме и се поддржуваме, баш онака како што кажав, како една голема и сложна фамилија.

4. Едно ваше мислење за проектот “Јуниор лига“. Кое е значењето на една ваква лига за вас најмладите и колку ви остави впечаток ова натпреварување ?

-Ми се допаѓа идејата за “Вардар Јуниор лигата“, пред се затоа што мислам дека секое дете, баш секое дете заслужува, доколку сака, да му се укаже шанса да се докаже и да заигра во голем клуб како што е ФК Вардар. На овој начин можат да се откријат голем број на таленти, можат да се поттикнат децата низ цела Македонија да се занимаваат поактивно со фудбал односно воопшто со спорт, и исто така на нас, на играчите, ни се даваат дополнителни часови со тренинзи односно натпревари со клубови надвор од Скопје. Тука се разбира е и неизбежното дружење и запознавање со нови другарчиња од цела Македонија.

5. Колку значи за вас играњето во овој клуб и на што ве потсетува кога ќе слушнете за името Вардар ?

-Пред да дојдам во Вардар, од разговорот со моите родители знаев дека е тоа најголемиот и најтрофејниот клуб кај нас во Македонија. Самото тоа, што јас сум избран и играм во овој клуб, за мене е една огромна чест и поттик да бидам уште подобар и подобар и знам дека ќе дадам се од себе, еден ден да заиграм и во првиот тим. Со изградбата на фудбалската академија и на прекрасните терени добивме извонредни услови со кои што можеме само да се гордееме.

vardarfans gorazd

6. Вашата генерација ја одбележа изминатата сезона, освојувајќи прво и третто место во детската лига. Имавте можност да бидете дел и од два силни меѓународни турнири во Бугарија. Како Горазд ја виде сезоната која помина ?

-Изминатава сезона игравме во ФФМ лигата и на неколку турнири во соседна Бугарија. Постигнавме огромни успеси, како што е освоеното прво место со Вардар 2 и трето место со Вардар 1 на ФФМ, како и првото место на турнирот во “Сандански“ каде во финалето ја победивме силната екипа на ЦСКА од Софија, а истото за малку ни побегна и во Банско. Вакви турнири се нешто што ние како играчи најповеќе го сакаме, и на крај заедно се радуваме на успесите на нас како клуб, и на Македонија, како земја која достоинствено ја претставуваме. Јас сум сигурен дека ние, со нашата екипа од 2004 –та ова можеме да го повториме, и уште повеќе подобриме нареднава сезона.

7. Какви планови има зацртано Горазд за во иднина, дали сте размислувале на таа тема ?

-Моите планови, како што и горе напоменав, се да работам односно тренирам напорно, и да напредувам секој ден се повеќе и повеќе за да можам еден ден да го облечам со гордост дресот на националниот дрес на Македонија, и на првиот тим на Вардар. Мојот сон е да играм во лигата на Шампиони или на некое следно европско или светско првенство во фудбал. Се повеќе од тоа е, како се вели, ако дари Господ здравје и среќа.

8. Како течат подготовките со новиот тренер Ане Андовски и како се вклопувате во новиот систем на игра ?

-Со новиот тренер Андовски одлично се вклопивме. Останав да играм на истите позиции на кои бев и предходно, односно на десно крило и шпиц каде и најдобро се снаоѓам. Немавме многу време за адаптација, со оглед на тоа дека почнавме со тренинзи директно дојдени од летните одмори, но мислам дека темпото кое новиот тренер ни го наметна, како припрема за турнирот во Благоевград, одлично, и машки го прифативме.

9. Изминативе денови бевте дел од силен турнир во Благоевград на кој го освоивте четвртото место. Едно ваше видување за одиграните натпревари и постигнатите резултати ?

-Мое мислење е дека ова е најсилниот турнир на кој до сега бил Вардар, односно оваа генерација. Имавме можност за прв пат да играме со екипи како Динамо Загреб и Војводина, а тоа се екипи, кои ги имаат победувано тимовите на Манчестер сити, Борусија Дортмунд, Интер, Јувентус, Атлетико и многу други кои се во врвот на европскиот и светскиот фудбал.Ние со овие екипи одигравме одлично,со Војводина 0:0 а Динамо 0:1( со гол од пенал) и само нијанси и малку спортска среќа ни недостасуваше да се вратиме со уште еден трофеј. Се пласиравме во полуфиналето без примен гол од игра и знам дека заслуживме многу повеќе, но спортот е игра во која некогаш и се губи, и е потребна и среќа, а која се надевам ќе не следи следниот пат. Искрено се надевам дека ке имаме можност да одиме на уште вакви силни турнири, каде достојно ќе можеме да го претставиме нашиот клуб, и ние како играчи ке се стекнеме со огромно знаење и искуство, изјави Горазд Попов за Вардар Фанс.

Звонко Ивановски