Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Ангелов – Диви за Вардар Фанс: Очекувам најмалку три трофеи и пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите

Ангелов – Диви за Вардар Фанс: Очекувам најмалку три трофеи и пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите

Вардарци на вчерашниот натпревар против ППД Загреб стигнаа до триумф, кој беше нивни трет во новата сезона на сеха-лигата. Во еден динамичен меч со многу голови на крајот како победник излезе нашиот ракометен шампион. Загреб цело време заостануваше за 2-3 голови и на крајот се помири со поразот. Вардар влезе во еден победнички ритам, сврзувајќи три последователни победи во сеха-лигата. Во новата сезона повторно на голот ќе биде триото Штербик-Ангелов и Милиќ, кое има значајна улога во добрите резултати на екипата. Токму со популарниот “Диви“ ја имавме можноста да разговараме за стартот на сезоната, постигнатите резултати на овие четири меча, новите засилувања во екипата како и за очекувањата во оваа натпреварувачка сезона.

-Знаеме сите колку на Вујовиќ му значат сите натпревари со Вардар, и очекувавме дека максимално ќе ги мотивира своите играчи, но бевме подготвени за предизвикот, го контролиравме резултатот во текот на речиси целиот натпревар, покажавме дека сме поквалитетен тим и заслужено победивме. Од друга страна покажавме карактер во финишот на натпреварот, особено во последните четири минути кога имавме и играч помалку и не дозволивме Загреб да го однесе натпреварот во неизвесност.

Три победи и еден нерешен резултат е билансот на црвено-црните, после одигрување на првите четири натпревари во сеха-лигата. Стартувавме со нерешен резултат против Брест Мешков, на кој триумфот го изгубивме во последните три секунди. Следеше триумф во градското дерби со екипата на Металург. Серијата на победи ја продолживме против силниот Веспрем и на вчерашниот меч со ППД Загреб.

-Мислам дека имаме одличен старт на новата сезона, иако тимот сеуште има многу простор да напредува. Одигравме четири натпревари, од кои три со минатогодишните учесници на фајнл фор турнирот во Загреб, го надигравме шампионот во Сеха и европски вицешампион Веспрем, вчера славевме над Загреб, несреќно изгубивме два бода во првото коло од Мешков Брест. Од друга страна го добивме и Металург кој покажа и против Веспрем дека не е наивна екипа, така да резултатски не смееме да бидеме незадоволни од постигнатото, иако како што реков, ќе мораме уште да работиме пред се во одбраната, затоа што на два од четирите натпревари примивме повеќе од 30 гола.

Вардар во новата сезона се засили со четири нови ракометари, кои полека се вклопуваат во екипата и системот на игра кој го спроведува тренерот Раул Гонзалес. Ангелов го потенцира значењето на новите засилувања, како и враќањето на Деревен во составот.

-Натпреварите покажуваат дека „новајлиите“ одлично се вклопуваат во тимот. Канељас е веќе доста важен играч за нас и во напад и во срцето на одбраната, а за квалитетите на Чупиќ не треба да се зборува. Исто така и враќањето на Деревен во тимот ќе биде големо засилување за нас. Во ракометот речиси и да нема случајност, и се мора да биде одработено до перфекција, а за тоа е потребно време, но Раул Гонзалес одлично го вклопува мозаикот и верувам дека до стартот на натпреварите од лигата на шампионите веќе ќе „дишеме“ како еден.

vardarfans divi i milik

Со искуството на играчите кои останаа во екипата и оние новите, кои треба да го подигнат нивото на игра оваа сезона треба да одиме скалило погоре во најголемото ракометно натпреварување.

-Па мислам дека сме посилни од минатата сезона. Од тимот си заминаа неколку важни играчи, но исто така дојдоа квалитетни засилувања, а од друга страна ги имаме оние кои останаа со една сезона поголемо искуство кое и тоа како е значајно, особено во нокаут фазата каде знаете дека одлучува и еден единствен гол.

Популарниот “Диви“ влезе во својата 39-та година, но сеуште е желен за успеси и трофеи. Неговите очекувања за оваа сезона е учество на завршниот турнир од лигата на шампиони во Келн.

И во новата сезона можете да го очекувате „стариот Диви“. Јас едноставно не знам поинаку во целата моја кариера. Очекувам најмалку три трофеи и пласман во фајнл форот во Лигата на шампионите. Мислам дека тоа е најдоброто што може да го доживее играч на моја возраст, изјави Петар Ангелов за нашиот сајт.

Звонко Ивановски