Sunday ,24 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Вардар покажа врвен ракомет и навести дека има квалитет за нешто повеќе од четвртфинале во ЛШ

Вардар покажа врвен ракомет и навести дека има квалитет за нешто повеќе од четвртфинале во ЛШ

Во недела стартува нова сезона во лигата на шампиони за екипата на РК Вардар. Истата ќе започне од Шведска, каде за противник ја имаме екипата на Кристијанштад. Имавме доволно време да се подготвиме за предизвикот кој го носи најголемото ракометно натпреварување. Се почна од контролните мечеви во Словенија, до оној последниот во сеха лигата против Татран Прешов. Вардар покажа врвен ракомет кој ни дава за право да кажеме дека тимот е “зрел“ за нешто повеќе од четвртфинале во лигата на шампиони.

Освен екипата на Брест Мешков, која не победи на турнирот кој беше во нивна организација и на оној прв воведен меч во сеха-лигата, кој заврши со нерешен резултат, сите останати натпревари успеавме да ги добиеме во своја корист. Тука се и оние подготвителните во Словенија, кога на два пати го совладавме Горење. Потоа продолживме во Белорусија на турнирот “Белгазпромбанка“, каде беа совладани француски Рен Сесон и Висла Плоцк. На овие подготвителни мечеви настапивме без хрватските репрезентативци, Карачиќ, Циндриќ и Чупиќ.

Новата сезона во сеха-лигата ја дочекавме во комплетен состав со исклучок на новоото засилување Иван Чупиќ, кој доби поштеда на оној дуел со Брест Мешков. Токму овој противник беше единствениот кој до овој момент успеа да ни одземе бодови и тоа со гол во последните три секунди. Следуваше градското дерби против Металург во спортскиот центар Борис Трајковски кој го добивме минимално со еден гол разлика. Овие два воведни меча не беа вистинската слика за црвено-црните, како да не пружавме максиум и игравме со половина сили. Веќе од следниот меч Вардарци ги “запалија“ моторите и го покажаа своето право “лице“. Токму актуелниот шампион во ова натпреварување и вицешампионот од ЛШ, екипата на Веспрем беше првиот кој “нагази“ на мината на Вардар. Унгарците без никакви шанси да се надигруваат во Скопје си заминаа со наведнати глави.

Избраниците на Гонзалес во следните осум дена го најавија походот и продолжување на победничката серија. Следеше уште еден дуел во својата арена со квалитетниот тим на ППД Загреб. Повторно одлична игра за нашиот состав кој имаше постојано водство во текот на целиот меч и контрола на резултатот. Иако шампионот на Хрватска на моменти се закануваше, сепак Вардар го зададе последниот удар и ги освои сите бодови од овој меч. Следен на “менито“ беше Целје кој воопшто не помина добро и тоа пред својата публика. Прими 40 погодоци на домашен терен, што никогаш не се случило во нивната историја. Иако игравме без својот организатор Карачиќ, делувавме моќно и речиси си поигрувавме со противникот. Штербик беше одличен на голот, а конечно Бразилецот Фереира остави впечаток дека се работи за квалитетно засилување на кое сериозно треба да се смета во наредниот период. Најлошо дефинитивно помина Татран Прешов, кој замина со 17 гола негатива од Скопје. “Распалени“ од сите позиции Вардарци го погодуваа голот на противникот и ја зголемуваа предноста. Шанса за игра добија и Владо Недановски кој за жал се повреди и одличниот Мартин Поповски кој успеа да постигне два гола. Милиќ исто така имаше голем удел во овој убедлив триумф, собирајќи 16 одбрани. Тоа беше петта победа во сеха-лигата, а вкупно деветта оваа сезона, ако се земат предвид и оние подготвителни дуели.

Што се однесува до залагањето и прикажаната игра на секој поединец, тренерот Гонзалес а и секој навивач на  Вардар мора да биде задоволен. Радува добрата форма на сите играчи, кои му се на располагање на шпанскиот стручњак во оваа натпреварувачка сезона. Почнувајќи од голманите, кои добиваа подеднаква шанса на изминативе натпревари, до сите оние кои се задолжени за игра во нападот и одбраната. Новите засилувања полека се вклопуваат во новата средина системот на игра. Вуко Борозан можеби не ги почна најдобро првите два меча, но како доаѓаа оние новите покажува зошто е донесен во Вардар. Како топ во раката младиот црнагорски репрезентативец почнува да ги тресе противничките мрежи. Исто така игра и во одбраната и допринесува за посигурна одбрана на екипата. Искуството на Кањелас е непроценливо и тој одлично ги одработува своите задачи. Повеќе го гледаме во одбраната, но неговите асистенции во нападот се најголемото “оружје“.

Пикерот Фереира на последните натпревари со Целје и Татран покажа дека на него треба сериозно да смета оваа сезона. Физичката конституција и корпулентност на Бразилецот се неговите силни страни, со кои тешко се справуваат противничките одбранбени играчи. Лесно доаѓа до позиција да прифати топка и да ја смести во голот. Можеби “најтивок“ е хрватското крило, Иван Чупиќ кој сеуште ги нема покажано своите квалитети. На последниот меч со Татран постигна четири гола, од кои три беа од седум метри и еден од неговата позиција. Сепак сите веруваат во неговите перформанси, кој сигурни сме дека ќе дојдат до израз во наредните мечеви од лигата на шампиони. Останатите играчи делуваат беспрекорно и секој максимално се труди да ги одработи минутите на теренот. Оваа сезона конкуренцијата е голема на сите позиции, но таа е добредојдена за сите да го покажат својот квалитет кој несомнено е дека го поседуваат.

Се надеваме на добро отварање на новата сезона во лигата на шампионите. Доколку ги повториме игрите од претходните мечеви нема што да не загрижува. Кристијанштад можеби е далеку од квалитетот на Веспрем и Загреб, но сепак треба да се потенцира брзата игра која ја негуваат, на која Вардар треба да одговори на најдобар можен начин за полесно да стигне до првите бодови во ЛШ.