Вечерва со почеток од 19 часот на националната арена Филип Втори ќе се одигра реванш натпреварот од младинската лига на шампиони, помеѓу екипите на Вардар и Салцбург. По првиот меч одигран во Австрија противникот има голема предност од 5:0, така што нашите надежи ќе имаат тешка задача да ја анулираат оваа негатива.
Избраниците на Љупчо Марковски нема што да загубат на овој натпревар и ќе се обидат да се прикажат во подобро светло пред македонската јавност. Црвено-црните во националното првенство имаат седум победи од исто толку одиграни натпревари, како и обезбеден пласман во полуфиналето на купот. Таму имаме одиграно три меча и исто толку триумфа, што говори дека овие момци сепак поседуваат квалитет. Тренерот Марковски ќе може да смета на сите играчи и ќе се обиде да го извлече најдоброто од екипата за вечерниот меч. Во офанизвната линија треба да бидат Ердон Даци, Виктор Димков и Јасир Беќири. На голот би требало да биде првиот чувар на мрежата Филип Трајчевски. Ако одиме според составот кој игра во лигата и купот, дефанизвната линија би требало да биде со Ричков, Личина, Исмаил, Т.Тодоровски, во средината се Дарко Додевски, Теодор Димитровски и Филип Стојчевски. Сепак оставаме простор за некое можно изненадување во составот од клупата ќе го предводат Љупчо Марковски и неговиот помошник за овој двомеч, се работи за Влатко Колев кој ги тренира кадетите на Вардар.
Сигурни сме дека нашите младинци ќе дадат максимум од себе и со победа ќе ги израдуваат присутните гледачи на Филип втори.