Единаесет последователни победи е серијата на Вардарци на почетокот на новата натпреварувачка сезона. Нашиот ракометен шампион сеуште нема пораз на официјалните мечеви, вкупно седум победи во сеха-лигата и четири во најголемото ракометно натпреварување е учинокот до овој момент. Ако се земе во предвид подготвителниот период, Вардар има само еден и единствен пораз и тоа дури на 21-ви авуст на турнирот Белгазпромбанка од екипата на Брест Мешков. Претходно забележавме две победи во Словенија, против екипата на Горење Велење и на турнирот во Белорусија ги совладавме тимовите на Сесон Рен и Висла Плоцк. Единствениот нерешен резултат во сеха лигата е токму во дуелот против Брест Мешков и тоа во првото воведно коло на ова натпреварување. Од тој меч следуваа победи против Веспрем, Металург, Загреб, Целје Пивоварна Лашко, Горење, Татран Прешов и Извиѓач. Во лигата на шампионите после четири одиграни меча имаме исто толку победи против екипите на Кристијанштад, Брест Мешков, Целје и Пик Сегед. Одлична серија на Вардарци, која се надеваме дека ќе продолжи и на саботниот натпревар против Загреб.
Тренерот Гонзалес одлично го води тимот оваа сезона. Она што можеби му беше проблем претходните сезони, недоволниот број на адекватни замени на позициите, сега не е случај. Вардар многу доби со новите засилувања. Борозан, Чупиќ, Кањелас и Фереира полека го фаќаат потребниот ритам и се повеќе покажуваат како поминуваат натпреварите. Бековските позиции се одлично покриени и со најмалку двајца квалитетни играчи.
Карачиќ е повторно главен организатор на играта, но неговата замена Лука Циндриќ покажува одлични игри. Неговите брзи пробиви се често проблем за противничките играч. На позицијата лев бек. Вуко Борозан е вистинско откритие, Црнагорскиот репрезентативец како да има топ во раката, неговите удари изгледаат застрашувачки за голманите на противничките екипи. Деревен после повредата од минатата сезона се обидува да ја врати формата и да биде оној стариот кога пристигна од екипата на Чеховски Медведи. Искуството на Кањелас е од голема важност за добрите резултати на Вардар. Шпанскиот репрезентативец игра во двата правци и знае често да проигрува со неговите соиграчи во нападот. Можеби уште е “тивок“ што се однесува до постигнувањето на голови, но сепак најдоброто од него допрва треба да доаѓа. Може подеднакво добро да игра на позициите лев и среден бек. На позицијата десен бек остануваме со играчите од минатата сезона. Душебаев и Македа се различен профил на играчи, но пред се квалитетни кои во секој момент се на висина на задачата. Крилните позиции исто така добро функционираат. Чупиќ се повеќе ја добива довербата од тренерот Гонзалес и покажува зошто е еден од најдобрите играчи на својата позиција. Со неговото доаѓање, сигурно за едно ниво играта ја подигна и Данил Шишкарев кој знае често да погоди од тешки позиции. На лево крило засега Дибиров има најголема минутажа, а неговата замена Недановски спокојно ја чека шансата за докажување. На позицијата пикер, Марсениќ многу ја подигна својата игра и дава голем придонес и во нападот и одбраната. Капитенот Стоилов е оној стариот, секогаш борбено и пожртвувано за секоја топка и гол. Бразилецот Фереира можеби не добива голема минутажа, но според досега прикажаното се работи за квалитетен играч кој треба да добива повеќе шанса на теренот. Голманското трио на голот на Вардар, Штербик-Милиќ и Ангелов функционира безпрекорно. Секој натпревар е посебна приказна за еден од голманите. Секој дава максиум и професионално ги одбработува минутите на голот.
Вардар засега функционира беспрекорно во секој поглед на ракометната игра. Нов тест за црвено-црните е веќе во сабота на гостувањето во Хрватска. “Ранливиот“ Загреб е во потрага по првите бодови, а Вардар во очекување да го продолжи победничкиот рирам и да се зацврсти на врвот на табелата.