Младиот состав на РК Вардар 2 продолжува со победите во првата ракометна лига. Денес во спортскиот рекреативен центар Кале,Вардарци ја пречекаа екипата на Куманово, кои ја победија со резултат 31:25.
Екипата на Куманово имаше само едно и единствено водство и тоа на стартот од натпреварот. Имаше и израмнување на резултатот од 2:2 во првите четири минути, но потоа следеше серија на разиграниот Вардар од 4:0, за водство од 6:2 и веднаш одлепување резултатски од противникот. Денес на голот го имавме одличниот Јагош Брауновиќ кој имаше голем број на успешни интервенции зад своето име. Понесени од неговите одбрани, составот на Вардар константно го зголемуваше своето водство, кое во еден момент достигна шест голови (10:4). Широкиот ростер на тренерот Петковски му озоможува често да ги ротира своите играчи и да им дава подеднаква минутажа. Имавме и највисоки осум голови предност (14:6) на три минути пред крајот на првото полувреме. На одмор, нашиот состав заминува со водство од 15:8. Одлично го одигравме овој дел од натпреварот, каде функциониравме безпрекорно во двата правци на играта.
На стартот на вториот дел, Куманово постигнува два гола во серија, за момент да го намали резултатот. Разлутениот Ѓоршоски постигнува гол, со силен удар кој завршува под пречката од голот на Куманово, а во следниот напад погодува и Томче Стојановски за враќање на предноста која ја имавме по првото полувреме. Куманово се обидуваше да пружа отпор на Вардар, но никако не успеваше да ја симне таа негатива на помалку од пет голови. Црнагорскиот интернационалец на голот на Вардар блескаше во текот на целиот меч, на моменти имаше и двојни одбрани и може да се каже дека беше еден од најзаслужните за победата. Повторно имавме највисоки осум голови (23:15), по што гостинскиот тим за прв пат на мечот постигнува три последователни голови за намалување на 23:18. Сепак за да не влегуваме во неизвесна завршница, на осум минути пред крајот Стојановски погодува за 26:19. На голот доби шанса и Петковски кој веднаш забележа одбрана. Последните минут беа само чиста рутина за РК Вардар 2, кој стигна до својата шеста последователна победа во првата лига, со што остана на првото место на табелата.
Најефикасен кај Вардар беше капитенот Дамјан Трајковски со 7 голови. Стефан Чакалиќ беше стрелец на 5 погодоци.
РК Вардар 2: Петковски, Чакалиќ 5, Крстевски 2, Димковски 1, Мишевски 4, Трајковски 7, Димитров 1, Апостоловски, Гичев, Лазов 2, Ѓоршоски 3, Брауновиќ, Стошиќ, Амзоски 2, Атанасовски, Стојановски 4.