Денес во спортскиот рекреативен центар Кале продолжија натпреварите од ракометната “Јуниор“ лига во рамките на петтото коло. Во женскиот дел кај генерацијата родени 2000/01 година се одиграа два натпревари. РК Кузман-Вардар и РК Урдаревски-Вардар ги поделија бодови играјќи со нерешен резултат, додека РКВиница-Вардар беше поуспешен во дуелот со РК Карпош-Вардар.
РК Кузман и РК Урдаревски одиграа интересен натпревар, каде на крајот заврши со нерешен резултат (9:9). За напомена дека на овој меч девојките на РК Урдаревски играа само со 7 ракометарки, односно без ниту една замена од клупата. Тоа сепак Кузман не го искористи и на крајот мораше да се помири со поделба на бодовите. Цело прво полувреме се играше гол за гол, избраничките на Александра Кузмановска го отворија резултатот, но на секој погодок Урдаревски враќаше, за на полувреме резултатот да биде 4:4, иако Кузман беше постојано во предност.
Спротивно на првиот, во вториот дел Урдаревски беше тимот кој беше во водство, во еден момент поведе со 6:8 и беше поблиску до победата. Сепак РК Кузман во наредните пет минути успеа да постигне два последователни гола и да го израмни резултатот. Урдаревски имаше уште едно водство, но Кузман повторно израмни дури имаше и напад за победа. На крајот можеби нерешениот исход беше најреален на овој меч. Анастасија Георгиева кај РК Кузман постигна 5 гола, додека кај РК Урдаревски, Теона Љадевиќ беѓе стрелец на 4 погодоци. Фотогалерија наша од дуелот може да погледнете тука.
На вториот натпревар во истава генерација, РК Вардар-Виница беше подобра од екипата на РК Карпош-Вардар. Конечниот резултат на овој натпревар гласеше 12:10. Цело прво полувреме екипата на РК Вардар-Виница беше во постојано водство кое се движеше од 1-2 гола разлика. На полувреме имаа предност од 6:4.
Истава разлика РК Вардар-Виница ја одршуваше и во првите пет минути од вториот дел, кога имаше водство од 7:5, но во продолжение Карпош успева да го израмни резултатот и да го донесе натпреварот во неизвесна завршница. Беше и 10:10, но последните два гола од мечот им припадна на екипата од Виница, која славеше со резултат 12:10. Кај победникот најефикасна беше Кристина Милчева со 4 погодоци, додека кај поразените се истакна Теодора Златановска која постигна половина од погодоците на својот тим, или вкупно 5 зад нејзиното име.