Уште како дете се истакнуваше со своите дриблинзи. Најпрвин стана носител во играта на ФК Единство, а набргу за неговите квалитети ”дознаа” и од ФК Вардар. Во 1962 година дојде и тој ден, Мете Спасовски се најде во кабината на Вардар, го облече Вардаровиот дрес и настапи на повеќе од 600 натпревари, што првенствени, што пријателски.
Неуморен во играта, мајстор на владеењето со топка, префинет техничар, незадржлив во пробивите – ова беа неколку од карактеристиките во играта на Вардаровата 11-ка. Сите овие особини ги покажа и потврди и во дресот на младата југословенска репрезентација, каде со успех настапи во Скопје против селекцијата на Франција. На најголемиот стадион во светот, на Маракана во Рио де Жанеиро, на средбата со една од најсилните селекции во светот Бразил. Мете дебитираше и во дресот на југословенската репрезентација и го постигна првиот гол. За неа одигра уште неколку натпревари, а во сеќавање секако дека ќе му остане настапот во Скопје, каде на средбата со Белгија успеа да постигне два гола и да биде прогласен за најуспешен играч. Извадок од книгата “Четири децении ФК Вардар”.
Методија Спасовски
Роден на 4 февруари 1946 година во Скопје, Спасовски е запеметен како еден од најголемите мајстори со фудбалската топка, во периодот по катастрофалниот земјторес, кој го погоди нашиот главен град. Во дресот на Вардар, дебитира во сезоната 1962/63 и останува верен на клупските бои во наредните 12 години.
Вториот вардаров стрелец, своевремено беше асистент на Андон Дончевски и помошник тренер во сезоната 1986/87, кога најтрофејниот македонски фудбалски клуб се искачи на шампионскиот трон, во првенството на Југославија. Подоцна, Спасовски беше назначен и за шеф на стручниот штаб, предводејќи го сениорскиот тим на Вардар во натпреварувачката 1988/89, во првата југословенска лига.