Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Останати спортови > Атлетика > Ново продолжение (4)! Историјата на АК “Вардар” во 70-сетите, пишува: проф. Мирослав Бошковиќ
Ново продолжение (4)! Историјата на АК “Вардар” во 70-сетите, пишува: проф. Мирослав Бошковиќ
Сотир Гавриловски (лево) и авторот на статијата, 1970 година

Ново продолжение (4)! Историјата на АК “Вардар” во 70-сетите, пишува: проф. Мирослав Бошковиќ

Ви носиме дел од големата историја на С.Д. Вардар, поточно со неговиот атлетски клуб. На почетокот голема благодарност до авторот кој е  долгогодишен атлетски работник и член на АК Вардар. Станува збор за проф. Мирослав Бошковиќ, кој својте пензионерски денови ги подреди на тоа да создава “мемоари“ за Вардар кој ќе беше жално ако не се запишани и објавени. Очекувајте  продолжение со наредните периоди на нови делови од истиот автор на нашиот сајт за  историјата на клубот.

ИСТОРИЈА НА АК ВАРДАР (4)-СЕДУМДЕСЕТИТЕ ГОДИНИ

 

Заврши натпреварувачката 1969 година. Како и секогаш, така и овој пат, одморот пред подготовките за наредната сезона се пополнуваше со играње на мал фудбал. Со радост се играше, но само по завршената сезона, бидејќи бавењето со овој спорт во останатите месеци за атлетичарите беше недозволиво. Еден ден, враќајќи се од Военото игралиште, проструи информација дека тренерот Ѓорѓи Нечев заминува од клубот и се враќа во Софија. Во почетокот мислевме дека се работи за шега, но кога го видовме, и самиот ја потврди оваа информација. Нечев беше не само успешен тренер кој беше извонредно упатен во сите атлетски дисциплини, туку беше и другар на сите атлетичари, и уживаше висок авторитет во спортските и атлетските кругови. Сметаше дека пет години поминати во Скопје се доволен период, и дека треба да се врати во својот град, кај своето семејство. Заедно со него се повлече и неговата сопруга, која со успех ја водеше женската екипа на ОК “Вардар”. По неговото пристигнување во Софија, ни се јави дека станал кондиционен тренер на фудбалската репрезентација на Бугарија. Со оглед на широкиот дијапазон на неговите знаења, не се сомневавме дека ќе успее и во оваа работа. Иако замина, Ѓоко,како што го нарекувавме, повеќе пати престојуваше во Скопје, и никогаш не пропушташе прилика да не посети на Градскиот стадион, да види како напредуваме и со какви проблеми се соочуваме. Исто така не посетуваше кога гостувавме во Софија, а знаеше да дојде и во Ќустендил, каде имавме средби со АК “Велбужд”. Како дипломиран економист, во периодот на транзицијата, Нечев започна и со самостоен бизнис. Сето тоа зборува за личност која сакаше предизвици, и никогаш не стравуваше да започне нешто ново во животот.

Симе Ѓеорѓиевски – професионален тренер

Симе Ѓеорѓиевски – професионален тренер

Со оглед дека клубот остана без тренер, раководството на клубот се подготвуваше за ангажирање на нов тренер. По направените консултации, беше решено за професионален тренер да биде избран Ѓорѓиевски Симе, а во стручниот штаб влегоа и Пеповски Миле и проф. Томе Илиевски. Со тоа беше разрешен овој мошне значаен прблем во историјата на клубот. Веднаш по своето назначување, стручниот штаб направи програма за стручната работа , а работеше и на вклучување на нови членови во клубот. Она што не одеше во прилог на новиот стручен штаб, беше фактот дека клубот остана без неколку врвни атлетичари, кои поради студиите, заминување на отслужување на воениот рок, или вработување, мораа да ги окачат спринтериците, а со тоа да ја завршат својата атлетска кариера. Така, од 1970 година, престанаа да тренираат Панев Цветан, Треневски Митко, Терзиевски Перо, Ников Ристо, Антевски Благоја, Наумовски Веле, Карер Владимир, Ивановски Мире, Кичевски Митре, Спиро Јевтиќ и др.
Како шеф на стручниот штаб, Ѓорѓиевски Симе уживаше углед и подршка од атлетичарите. Имаше другарски однос кај спортистите. Како професионален тренер, своите права и обврски од работен однос ги остваруваше во СД “Вардар”, каде беше активен член на работната заедница на друштвото. На молба од ФК “Вардар”, повеќе пати беше ангажиран во зимските подготовки, како кондиционен тренер. Беше ангажиран и од армијата, со стручната помош што и ја даваше на атлетската екипа на Скопската армиска област која се подготвуваше за сеармиските натпревари.
Големо внимание во својата работа, Симе посветуваше на подготовките на клубот – зимски и летни. Веројатно малку од љубителите на спортот знаат дека Стар Дојран, како идеален центар за зимски подготовки беше промовиран тикму од овој тренер. Тогаш Стар Дојран немаше таква инфраструктура каква што ја има денес. Сместувањето беше обезбедено во хотел “Бетон”, додека исхраната се одвиваше во еден ресторан покрај езерото. Во тоа време, покрај АК “Вардар”, на подготовки беше и ОК “Струмица” предводен од поранешниот одбојкарски ас и член на ОК “Вардар”, Никола Донев. Тоа беа прекрасни мигови во спортскиот живот на спортистите. Благата клима, мирот и чистата околина, претставуваа идеални услови за организирање на подготовките. Летните подготовки се организираа на Мавровското езеро, во Маврови Анови, на височина од 1300 метри. Ова, на најубав начин ја отсликува состојбата на клубот во тие години.
Со оглед на презафатеноста на своето работно место и другите општествени функции кои ги обавуваше, во почетокот на седумдесетите години, претседателот на клубот проф. д-р Тодор Пеливанов замоли да биде ослободен од оваа функција. Наскоро на негово место беше избран Грековски Џоџа, долгогодишен атлетски работник и член на АК “Вардар”.

Грековски Џоџа – пртседател на АК “Вардар”

Грековски Џоџа – претседател на АК “Вардар”

Грековски Џоџа потекнува од генерација на нашата спортска и атлетска легенда, Лазо Милошевски. Во годините по Втората светска војна завршил Трговачка академија. Целиот свој работен век го минал како шеф на сметководството во СОФК-а на Македонија. Покрај функцијата претседател на клубот, во почетокот на 70-те години ја вршеше функцијата секретар на Атлетскиот сојуз на Македонија. Беше член на Судиската организација и делегат на голем број натпревари во републиката и надвор. Од самиот почеток, па се до крајот на постоењето, беше член или претседател на Организациониот одбор на Меморијалот “Лазо Милошевски”. Уживаше висока репутација во раководните југословенски атлетски кругови, а беше извонреден пријател и со тогашниот претседател на Атлетскиот сојуз на Југославија, Петар Вуковиќ. Затоа, као учесници на нашите митинзи редовно се појавуваа најдобрите југословенски атлетичари и атлетичарки. Грековски беше мошне комуникативен, а своите менаџерски способности ги имаше доведено до совршенство. Течно зборуваше грчки, бугарски, српско-хрватски и влашки јазик.
Кон крајот на 60-те години блесна уште една sвезда на АК “Вардар”, атлетичарот Бранко Стојановски. Неговите скокачки потенцијали ги откри неговиот професор по физичката култура, Томе Илиевски. Првите атлетски знаења ги доби од тренерот Ѓорѓи Нечев, а подоцна, во 70-те години работеше со проф. Томе Илиевски, со кого ги постигна своите најдобри резултати. Во прво време се фокусираше на скокот во височина, но потоа целосно се посвети на дисциплината трискок. Подоцна, и неговиот наследник Реџеп Селман, прво настапуваше во скок во височина, но подоцна се преорентира на трискок. Наскоро стана и младински репрезентативец на поранешна Југославија. Со резултат од 14,62, постигнат во 1971 година во Атина, уште е носител на рекордот на Македонија за постари младинци. Во тоа време, на сојузно ниво скокаа врвните троскокаши: Милан Бабиќ, Милан Спасојевиќ, Матија Кошир, Милош Срејовиќ, Јанош Хегедиш и др. И да се влезе во репрезентацијата на Југославија во ваква конкуренција, претставуваше извонреден успех. Во 1972 година, во Загреб прескокна 15.32 см., кој цели 36 години беше сениорски рекорд на Македонија. Но неговиот рекорд беше соборен од атлетичарот на АК “Oхрид” Селман Реџеп, кој на 22 јуни 2008 година, во Банска Бистрица, Словачка, прескокна 15,46 см., со што за 14 сантиметри го подобри рекордот на Македонија. Врвни резултати постигнуваше и на натпреварите во сала. Во 1974 година, во Софија, прескокна должина од 15,16 метри, со што постави сениорски рекорд на Македонија.
Бранко Стојановски даваше неизмерен придонес во настапите на Куп натпреварите на Македонија. Настапуваше и за репрезентацијата на Македонија на четворомечевите помеѓу Македонија, Косово, Потесна Србија и Црна Гора. Ќе остаанат запаметени неговите настапи за младинската и сениорската репрезентација на Југославија. За своите исклучителни резултати во дисциплината трискок, во 1972 година го освои 9 место во изборот на десет најдобри спортисти на Македонија, што претставуваше големо признание како за него, така и за АК “Вардар” и македонската атлетика.

Пеповски Миле – тренер

Пеповски Миле – тренер

На 22.06.1970 година, Сотир Гавриловски, во својата најомилена дисциплина, 1500 метри, истрча извонреден резултат од 3:46,6 , со што се наметна како еден од водечките атлетичари во оваа дисциплина во екс Југославија . Треба да нагласиме дека во тоа време во оваа дисциплина настапуваа најголемите асови на југословенската атлетика: Симо Важиќ, Иван Јокиќ, Драго Жунтар, Владан Ѓорѓевиќ, Јоже Меѓимурец, Бошко Божиновиќ, Панта Максимовиќ, Миодраг Вукомановиќ и др. Наскоро, како високо призание за Сотир, дојде поканата од сојузниот селектор Крешимир Рачиќ за настап во југословенската сениорска репрезентација.
А во тие години, Гавриловски со успех учествуваше на голем број кросеви, ноќни трки, митинзи и др. Никогаш не се предаваше. Се сеќавам, кога пред ноќната улична трка по повод ослободувањето на Скопје, 13 ноември, го повреди глуждот на едната нога. Чувствуваше големи болки, а ногата му беше отечена. Тоа се случи на само три дена пред трката. Сите бевме изненадени кога го видовме на стартот на трката. Онака, сеуште неопоравен, Гавриловски влезе во дуел со останатите конкуренти, и трката ја заврши на првото место.
Учеството на маморијалот “Лазо Милошевски” значеше вистински предизвк за Гавриловски. Секогаш беше меѓу водечките, но вистинскиот настан се случуваше во последните стотина метри, кога доаѓаше до израз неговиот фуриозен финиш кој ја креваше на нозе скопската публика на јужната трибина. Гледајќи го него, чувствував дека резултатот во трката не му е приоритет, туку неговиот пласман. Никогаш не губеше од домашните конкуренти. Но, кон крајот на 1969 година се случи нешто непредвидено за овој атлетичар. Се трчаше 800 метри. Трката ја водеше Живко Грабуловски од АК “3 ноември” од Прилеп. Дојдоа задните 200 метри, а Гавриловски ништо не преземаше. Се влезе во последните 100 метри. Во тој незаборавен финиш, Грабуловски не дозволи да биде победен, и за неколку десетнинки, успеа да ја добие оваа трка. Тоа беше и првиот пораз на легендарниот Сотир пред љубителите на атлетиката во Скопје.

Сотир Гавриловски (лево) и авторот на статијата, 1970 година

Сотир Гавриловски (лево) и авторот на статијата, 1970 година

Веројатно, младите атлетичари ги интересира како изгледаа тернинзите на Сотир Гавриловски. Зимските тренинзи обично беа надвор од стадионот и се состоеа од 15-20 километри. Ретко тренираше сам. Секогаш покрај него тренираа по неколку негови клупски другари. Не дозволуваше да се трча брзо, туку практикуваше 5 минути за 1 колометар. На крајот од тренингот, правеше разновидни вежби. Тренинзите на патеката беа нешто друго. Секоја делница ја започнуваше побавно, но трчаше со прогресивно темпо, за да финишот му биде секогаш максимален. Често одешена подготовки во Бугарија, каде тренираше со најпознатите бугарски средноппругаши, а најчесто со извонредниот Злате Влчев. Никогаш не сум го забележал дека е оптоварен од трема. Добивав впечаток, дека најголема инспирација добиваше кога имаше најсилна конкуренција.
По завршувањето на атлетската кариера, поранешните атлтичари често играа мал фудбал. Гавриловски беше меѓу најредовните. И, исто како во атлетиката, така и во фудбалот пристапуваше крајно сериозно. Се бореше за секоја топка, а тоа го бараше и од другите соиграчи. Се љутеше кога некој не се залага доволно. Неговата победничка енергија ја пренесуваше на останатите соиграчи во тимот. Заправо, неговите резултати не произлегуваа само од неговите подготовки, туку и од неговиот карактер и победничкиот менталитет.
Во почетокот на 70-те години во клубот пристапија повеќе нови атлетичари, од кои најголем број се задржаа повеќе години. Меѓу нив би ги спомнале: Дојчиновски Мито, Дојчиновски Лазо, Николиќ Драгослав, Ангеловски Ацо, Вељановски Александар, Гласновиќ Ацо, Стаменков Лазе, Јовановски Живко, Циривири Ѓорѓи, Трајковски Зоран, Димитровски Зоран, Петровска Евдокија, Лазароски Гоце и др.
Меѓу најаактивните членови на клубот беа атлетичарите Јовчевски Раде и Трајковски Момо, кои повеќе од десет години ги бранеа неговите бои.

Трајковски Момо води во трката на 1500 метри, 1972 година

Трајковски Момо води во трката на 1500 метри, 1972 година

Јовчевски Раде беше специјалист во дисциплината 400 м. пречки. Многу пати победуваше во оваа диациплина, со што му носеше драгоцени бодови на клубот. Но, за потребите на клубот настапуваше и на 110 м. со пречки, 400, 200, а беше и постојан член на штафетата 4х400 метри. Повеќе пати ги бранеше боите на репрезентацијата на Скопје и репрезентацијата на Македонија. Завршил Правен факултет и денес работи како адвокат.
Трајковски Момо беше среднопругаш. И тој имаше долг стаж во клубот. Најчесто настапуваше во трките на 800 метри, и беше во врвот на македонската атлетика.Настапуваше и на 1500 метри како и на републичките кросеви. Завршил Економски факултет во Скопје, и својот работен век го мина во ГРО “Бетон”.
Во 1971 година, АК “Вардар” учествуваше на државниот крос кој се одржа во Аранѓеловац, Србија. Боите на Вардар ги бранеа Мира Василева, Петровска Евдокија, Ангеловски Ацо, Дојчиновски Лазо, Мирослав Бошковиќ, Дојчиновски Мито и Николиќ Драгослав. Поради длабокиот кал, патеката беше мошне тешка, што предизвика откажување на голем број од учесниците. Во конкуренција за помлади сениори, на 8000 метри, екипата на АК “Вардар” го освои 3 место во Југославија.

Трето место на кросот во Аранѓеловац, 1971 год.: Дојчиновски Мито, Бошковиќ  Мирослав (горе), Николиќ Драгослав, Дојчиновски Лазо (клечат)

Трето место на кросот во Аранѓеловац, 1971 год.: Дојчиновски Мито, Бошковиќ
Мирослав (горе), Николиќ Драгослав, Дојчиновски Лазо (клечат)

Во тие години мошне беа популарни ноќните трки по повод ослободување на градовите во Македонија, и пошироко во Југославија. Секоја година Вардар учествуваше на ноќните трки во Скопје, Прилеп, Битола, Куманово, Штип, Кавадарци и др. Најдобрите учествуваа и во репрезентацијата на Скопје на ноќните трки во Белград, Загреб, Љубљана, Сараево, Подгорица (Титоград), Винковци, Крагуевац, Обреновац и др.

7.11.1971 година. Ноќна трка во Прилеп.

7.11.1971 година. Ноќна трка во Прилеп.

Диплома за учество на ноќната трка во Винковци, 1975 година

Диплома за учество на ноќната трка во Винковци, 1975 година

Во почетокот на 70-те години, во маратонското трчање се јавува Лазе Стаменков, член на АК “Вардар” од Скопје. Како член на АК “Вардар” стана на возраст од 25 години. Со оглед на своите години, тој беше вистински феномен во трчањето на долги патеки. За само неколку месеци по влегувањето во светот на атлетиката, го искажа целиот свој талент. Набрзо стана втор долгопругаш во Македонија, веднаш зад Ѓорѓи Вучков, рекордер на Македонија на 3000 метри со пречки и на 15.000 метри. Леснотијата со која трчаше набрзо му овозможи да стане најдобар маратонец во Македонија. Во 1973 година, неговите тренери Симе Георгиевски и Миле Пеповски го пријавија за неговиот прв настап на државното првенство во маратон.
Државното првенство во 1973 година се одржа во Косово Поле. Организатор на маратонот беше АК “Kосово Поле” формиран во 1970 година, а првиот член беше Радован Скочајиќ, еден од најпознатите маратонци на Балканот, кој трчаше во оваа трка. Се трчаше од Косово Поле во насока кон Пеќ и назад. Во колата која го следеше маратонот бевме Симе Георгиевски, Миле Пеповски и јас.
На стартот се појавија најдобрите маратонци во тоа време меѓу кои и Драгослав
Гајиќ, Мирко Вујаклија,Неџмедин Ибиши, Миливоје Пешиќ, Радован Скочајиќ и др. Во поголемиот дел од трката, се до свртувањето, Лазе се држеше веднаш до водечките маратонци. Во вториот дел од патеката малку заостана, но и натаму беше близу до водечките. На еден километар пред целта се случи еден неочекуван момент. Имено, трчајќи преку еден мост, долг едвај дваесетина метри, кога дојде до срединат на мостот, Лазе наместо да продолжи кон целта, почна да се враќа назад. Очигледно беше дека исцрпеноста си го направила своето. Почнавме да викаме, да го храбриме да продолжи да трча и да ја заврши трката. После две минути успеа да се опорави и како седми да го заврши својот прв настап во маратонската трка на 42.195 км. Резултатот што го постигна Стаменков Лазе изнесуваше 2:46:00, што претставуваше нов македонски рекорд. Атлетската кариера на овој маратонец траеше само неколку години, бидејќи замина да работи во странство. Првото место во трката му припадна на Мирко Вујаклија од Инѓија со време од 2:33,36.

15995345_1227484867339049_1618533109_n

Стаменков Лазе, со тренерите Симе Ѓеорѓиевски (лево) и Пеповски Миле (десно)

….ПРОДОЛЖУВА….
Следен наслов “СКОПЈЕ ДОБИВА ТАРТАН ПАТЕКА“

Пишува>проф. 
Мирослав Бошковиќ