Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ЖРК Вардар > Вардар “царува“ во Европа и стигна до својата осма последователна победа во ЛШ
Вардар “царува“ во Европа и стигна до својата осма последователна победа во ЛШ

Вардар “царува“ во Европа и стигна до својата осма последователна победа во ЛШ

Интересен натпревар денес следевме во рамките на третото коло во главната рунда од лигата на шампиони. Вардарки во неизвеса завршница стигнаа до нова победа во најголемото натпреварување, совладувајќи ја екипата на Турингер.

Почеток како што само можевме да посакаме, каде по пет минути игра имавме водство од 0:5 од кои три голови беа на Андреа Пенезиќ. Првиот гол домашната екипа го постигнува во 6 минута. Во воведните минути на голот Амандин Лејно имаше три успешни интервенции. За момент екипата на Турингер го намали резултатот, но Пенезиќ имаше свое шоу во првото полувреме и со нејзиниот четврти погодок од исто толку обиди поведуваме со 3:7. Во 15 минута од натпреварот повторно со гол на Хрватската репрезентативка за кој беше шести гол од исто толку удари кон противничкиот гол ги враќаме оние пет гола предност 6:11 а една минута подоцна или во 16 минута од мечот, Лекиќ со својот втор гол носи најголеми шест гола разлика (6:12). Ова водство го одржуваме до 20 минута кога Камила Херем погодува и за најголемата предност во првите 30 минути, кога поведовме со 8:15. Имавме водство и од 11:18, но неколку брзоплети напади му овозможија на Турингер да го намали резултатот на 13:18 со кој се замина на одмор. Лејно во овој дел од мечот имаше седум одбрани, додека најдобра беше Пенезиќ со 8 голови.

Второто полувреме започна со гол на Хмирова за која беше прв на овој натпревар за предност од 13:19. На стартот на вториот дел на голот застана Песоа и веднаш стигна до одбрана. По подолго време Турингер успева да ја преполови нашата предност и да намали на 17:20 во 37 минута. Продолжи нашата лоша серија, што ја казнува домаќинот со нов гол и намалување на 19:21. Краузе прави чуда на голот на Турингер и со својата шестта одбрана сите во вториот дел го враќа својот тим во игра. Во 46 минуга го проследуваме и првото израмнување на мечот (23:23). Конечно Лекиќ ја прекинува нашата лоша серија и со “бомба“ удар носи пак водство. Имавме и два гола разлика, но Турингер прави серија од 3:0 за прво нивно водство од 27:26 на девет минути пред крајот. До крајот следевме неизвесен натпревар, а Пенезиќ на нецела минута пред крај носи водство од 29:30. Успеавме да се одбраниме во последниот напад и да славиме со резултат 29:31.

Пенезиќ беше најдобар стрелец со 10 голови, додека Лекиќ постигна 8. Со оваа победа остануваме на првото место во групата и веќе можеме да се сметаме за четвртфиналисти во ЛШ.