Денес на терените на ФК Работнички во Градски парк се одигра второто коло во детската лига оваа пролет кај генерација 2008 година. Избраниците на Павел Неделковски дојдоа до две победи. Тие триумфираа со 6-1 со ФК Скупи и службено 3-0 со екипата на Ал Барса-2. Од мечевите може да погледнете фотографии- овде!
Во првиот меч ФК Вардар (2) се сретна со ФК Скупи 1. Резултатот први го отворија изненадувачки нашите противници кои по еден случаен погодок поведоа со 0-1. Имавме серија прилики за изедначување по голот на Скупи. Истото дојде конечно преку Арти Азизи кој успеа да го изедначи резултатот на 1-1. Имавме повеќе од играта и трагавме по погодок за водство успеавме да ја погодиме и гредата која се испречи пред нашата желба за водство. Истот играч, Арти Азизи успеа да прифати една топка во опасната зона, шутна во долниот десен агол за водство од 2-1. Азизи имаше прилика и за трет гол до крајот на првиот дел но не успеа да погоди. Доминиравме во завшните минути од првиот дел сепак на одмор се отиде со минимална предност од 2-1.
Вториот дел тргнавме офанзивно уште од првата минута со цел да дојдеме до ран погодок и да го осигураме триумфот на овој меч од второто пролетно коло во детската лига. Набрзина им “пресудуваме“ на Скупи со два гола со кој поведуваме со 4-1 и најавивме триумф. За 3-1 одлично погоди Ненад Дамјановски, веднаш потоа поведуваме со 4-1 со третиот гол денес на Арти Азизи. Доминиравме целосно во вториот дел нашиот противник повеќе немаше сила да напаѓа беше целосно ориентиран на дефанзива, а нашите момци тргнаа да го дотолчат противникот. Пукнавме и “петарда“ во голот на нашиот ривал, за 5-1 стрелаше Јохан Зизајковски. Пред крајот на дуелот одличниот Матеј Киш постигна погодок за 6-1 кој се покажа подоцна како и последен за нас на овој натпревар.
Натпреварот со екипата на Ал Барса-2 го добивме службено бидејќи нашиот ривал не се појави на теренот. Тренерот Неделковски Павел го подели тимот на две екипи “црвено-црни“ и “зелени“ кои одиграа натпревар помеѓу себе кој заврши 7-2 за “црвено-црниот тим„.
Натпреварот почна со два погодоци на зелениот табор кој поведе со 2-0. Коста Бошковски и Марковски го совладаа нивниот колега Грчевски Лука на почетокот за водство до 2-0. Веднаш потоа Павел Андов успеа да го намали водството на “зелениот тим“ на 2-1. Прекрасно погоди во продолжение Стефан Бранковски кој стрелајќи за “црвено-црните“ донесе изедначување на 2-2. По ова изедначување долго двата тима играа цврсто без ниеден погодок. На голот на црвено-црните Лука Грчевски правеше чуда бранеше одлично, што и ќе го покаже крајниот резултат тој по изедначувањето беше решен и успеа да не иде совладан повеќе на овој дуел. Со два последователни гола Стефан Бранковски успеа да и овозможи на “црвено-црната“ екипа да поведе со 4-2.
Зелените се обидуваа да направат баланс и да постигнат гол, но секогаш пред нив се испречуваше Грчевски. Два гола постигнува Павел Андов со кои “црвено-црните“ поведоа со 6-2 на овој тест меч. Во последната минута имаше слободен удар на дистанца од 10сетина метра, топката ја намести Павел Андов и шутна одлично над живиот ѕид под гредата на “зелените“, постигнувајќи гол за 7-2 резултат со кој се заврши мечот.