Во недела екипата на ЖРК Вардар ќе го одигра претпоследниот натпревар во главната рунда од лигата на шампионите. Нашиот состав ќе гостува во Франција, на екипата на Мец. На првиот меч одигран во Јане Сандански, црвено-црните славеа со резултат 23:21. Мец се покажа како квалитетен противник на мечот во Скопје, кој негува цврста одбрана која е препознатлива за шампионот на Франција. Вардар ќе се обиде да се врати на победите, откако во минатато коло го претрпе првиот пораз од Будуќност, а со тоа и да го потврди првото место во групата. Во пресрет на овој натпревар шефот на стручниот штаб, Давид Дејвис со свое видување за натпреварот во недела кое го даде за официјалната страна на клубот.
-Ние сме први и досега изгубивме само еден натпревар. Сите натпревари од лигата на шампионите се тешки и понекогаш играме подобро, понекогаш не, но така е. Против Мец дома имавме многу тежок натпревар, не бевме подготвени за одбранаат 3-2-1, но сега сме спремни. Сите имаат желба за победа, а ние имаме поголема желба од сите. Мислам дека на овој натпревар притисокот ќе биде кај Мец. Во Скопје играше многу многу добро, но сега играат дома и мислам дека притисокот е кај нив зашто од нив ќе се очекува победа. Ние се разбира сакаме да победиме зашто со оваа победа имаме шанси да бидеме први во група. Оваа недела сите многу добро тренираме, многу сме концентрирани и сме подготвени за Мец. И ќе биде тешко, тоа е 100 отсто.
На првиот натпревар изненадување за Вардар, беше одбраната на Мец од 3-2-1 која и го врати Мец во игра за бодови на тој дуел одигран во Скопје. Нашиот најдобар стрелец Пенезиќ со со комплименти за противникот, сепак вели дека Вардар е подготвен да победи на гостувањето во Франција.
-Мец има квалитетна екипа. Играат многу незгодна одбрана. На првиот натпревар нѐ изненадија со агресивната одбрана и може не бевме доволно спремни. Но сега се подготвивме многу добро, анализиравме сѐ и се подготвивме за се. Од нив може да очекуваме агресивна одбрана 3-2-1, 3-3, но овој пат ќе бидеме целосно подготвени. По поразот со Будуќност не е ништо изгубено, не е некоја голема трагедија, имавме низа од 8 победи во серија, и ни се случи лош ден. Сега забораваме на тоа. Уште сме на прво место. Притисокот постои на секој натпревар. Јавноста секогаш нѐ става во позиција на фаворит, така што сме навикнати на тој притисок. Забораваме што беше и се подготвуваме за Мец.