Екипата на РК Вардар 2 утре ќе го одигра првиот натпревар во пролетниот дел од првата ракометна лига. Во С.Р.Ц. Кале со почеток од 18 часот ќе гостува екипата на Струга која на првиот натпревар одигран на гостински терен ја совладавме со резултат 23:27.
Вардарци до крајот на сезоната ќе водат голема борба со екипата на Младост за првото место, кое носи директен пласман во најсилната супер лига. Екипата од Богданци моментално е лидер, но со само еден бод повеќе од младиот состав кој го предводи Зоран Петковски, со напомена дека Младост во овој дел од сезоната ќе гостува на Кале. Во пресрет на утрешниот натпревар Вардар е фаворит во дуелот со Струга, противник кој се наоѓа во долниот дел на табелата со речиси двојно помалку освоени бодови од црвено-црните. Тренерот Петковски повторно ќе биде на слатки “маки“ околу составување на екипата за овој меч, со оглед на големиот ростер со кој располага. Во неделата Вардар 2 успеа да излезе како победник во својата осминафинална група и да се пласира во 1/4 на националниот куп.