На денешната програма од ракометната “Јуниор“ лига кај генерација родени 2002/03 година беа одиграни два натпревари во женскиот дел кај оваа генерација. Победи забележаа екипите на РК Кастратовиќ-Вардар и РК Шампион-Вардар.
Интересен меч одиграа екипите на РК Будимир и РК Кастратовиќ, кој им припадна на избраничките на Здравка Дамовска. Натпреварот со гол го отвори РК Кастратовиќ, кој во следните десет минути имаше предност од 1:3 и 2:4, но сепак до крајот на првото полувреме, тимот на Андријана Будимир успева да го израмни резултатот на 6:6. Сепак на стартот на вториот дел , екипата на РК Кастратовиќ прави серија од 0:3 и за прв пат има предност од три погодоци (6:9). Ова водство се покажа како недостижно за РК Будимир, која имаше и негатива од 7:12. До крајот успеаа само да го намалат резултатот на 10:13, што беше и конечен на мечот. Кај победникот, Мила Пешиќ постигна 4 голови.
На вториот натпревар од оваа генерација се сретнаа екипите на РК Ново Лисиче и РК Шампион. Победата им припадна на избраничките на Лина Треноска кои славеа со резултат од 6:16. Добрата одбрана на Шампион беше пресудна за победата на крај. Во првото полувреме тие примија само два погодоци, додека Шампион имаше осум (2:8), резултат на полувреме. Заслужена победа со оглед дека имаа постојано водство во текот на целиот натпревар.