Кадетките на ракометниот клуб Вардар ќе играат во големото финале на кадетската лига. Денес во градот Охрид се игра завршниот турнир на најдобрите четири екипи од регуларниот дел на сезоната. Во првото полуфинале, екипата на Металург беше подобра од домашниот тим на Лихнид 2012 и тоа убедливо со резултат 28:10.
Во второто полуфинале се сретнаа екипите на Вардар СЦЈС и Куманово. Во еден неизвесен натпревар, нашите кадетки беа подобри кои го совладаа противникот минимално со резултат 23:22. По првото полувреме се играше доста израмнето и ниту една од екипите не успеа да се одлепи на разлика поголема од два гола. По истекот на првите 30 минути, резултатот беше израмнет 9:9. И во вториот дел гледавме голема неизвесност. Противникот пружи силен отпор и во еден момент беше поблиску до победата. Избраничките на Платон во последните пет минути успеаа да анулираат два гола негатива (20:22) и на крај да слават со резултат 23:22.
Во големото финале кое е вечерва на програмата од 19:45 ќе се сретнат екипите на Вардар и Металург. За бронзениот медал од 18 часот ќе се борат Лихнид и Куманово.