Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > РК Вардар > Прв Тим > Започнува борбата за првиот трофеј сезонава, Вардар против Загреб во полуфиналето на СЕХА-лигата

Започнува борбата за првиот трофеј сезонава, Вардар против Загреб во полуфиналето на СЕХА-лигата

Денес со почеток од 17:30 часот ќе се одигра првото полуфинале на завршниот турнир во СЕХА-лигата. Во него се среќаваат екипите на Вардар и ППД Загреб. Ова ќе биде нивно петто соочување оваа сезона. По две победи имаат и Вардар и Загреб. Лоши спомени не поврзуваат сезонава со овој противник. Тимот на ППД Загреб беше првиот кој ни нанесе пораз во СЕХА-лигата, по 13 последователни натпревари и екипа која прва успеа да не порази во лигата на шампионите после четири победи. Црвено-црните триумфираа на домашен терен во мечевите од СЕХА и ЛШ, така што сме израмнети по бројот на победи до пред одигрување на денешниот меч. Интересно за Загреб е што оваа сезона трето име седнува на жешката клупа на клубот. После Веселин Вујовиќ и Силвио Ивандија, од неодамна клубот реши во завршницата од сезоната шанса да му даде на Славко Голужа, кој е и поранешен тренер на овој тим.

На сите претходни завршни турнир Вардар и Загреб ги одмерувале силите, а меѓусебниот скор во тие мечеви е 3:2 во корист на Вардарци. Што се однесува до регуларниот дел на претходните сезони во СЕХА-лигата, двете екипи меѓусебно одиграле вкупно 11 натпревари и тука сме израмнети по бројот на добиени мечеви. По пет победи имаат и Вардар и Загреб, додека еден меч завршил со нерешен резултат. Стипе Мандалиниќ е најдобар стрелец на Загреб со 74 постигнати голови. Втор на листата е капитенот Златко Хорват со 52 погодоци, додека трет е поранешниот играч на Вардар, Добривоје Марковиќ со 41 гол. Кај Вардар најдобар стрелец во СЕХА-лигата е Тимур Дибиров (74), втор е Лука Циндриќ (52), додека третото место е за Игор Карачиќ (48) голови. Ова е вкупно шестта сезона на балканската лига. По два трофеи имаат Вардар и Веспрем, додека Загреб има еден и тоа во втората сезона на натпреварувањето кога во С.Ц. Борис Трајковски во големото финале го победи токму Вардар. После елиминацијата на Хрватите во лигата на шампиони од екипата на Веспрем, сите сили ќе бидат насочени токму овие денови на завршниот турнир во СЕХА-лигата, со оглед дека во домашното првенство немаат голем конкурент за трофејот.

Не очекува интересен натпревар, кој ќе можете да го проследите со директен преност на МТВ-1. Ова воедно ќе биде силен тест и подготовка за Вардарци за решавачкиот дуел против Фленсбург за пласман на Ф4 во Келн. Очекуваме добра игра од нашиот состав и уште едно финале. Во другото полуфинале ќе играат Веспрем и Брест Мешков. Ова воедно ќе биде реприза на полуфиналните мечеви од завршниот турнир минатата сезона, кој се одржа во Вараждин.