Денес во спортско рекреативниот центар Кале, екипата на РК Вардар го одигра претпоследното коло во првата ракометна лига, каде за противник го имаат тимот на РК Спартак. Избраниците на Зоран Петковски стигнаа до рутинска победа со конечен резултат од 40:27.
Натпреварот со гол го отвори гостинската екипа, за во нашиот прв напад да врати Стефан Крстевски за израмнување на резултатот на 1:1. Во следните пет минути се играше гол за гол на двете страни, а последното израмнување на резултатот беше 3:3, Од тие моменти екипата на Вардар прави серија од 3:0 и во 8 минута со голот на крилото Стоилевски, го зголемува резултатот на 6:3. Тренерот Зоран Петковски го ротираше составот и им даваше подеднаква минутажа на сите играчи. Во 15 минута преку капитенот Трајковски, црвено-црните за прв пат имаа четири голови водство (1о:6). Во следните три минути од мечот, противникот успева со подобра игра да намали на 11:19, но Вардарци веднаш вратија и со голот на Димитров, повторно имаат четири гола разлика (13:9). Избраниците на Петковски играа колку што беше потребно на овој дуел. Во 26 минута имаме најголеми пет гола предност (16:11), за на полувреме да заминеме со водство од 18:13.
Второто полувреме започна со гол на Атанасовски, кој зголеми на 19:13, за во 33 минута преку Стоилевски да стигнеме до најголеми 21:14. Следуваше период кога двете екипи постигнаа по два гола, за Вардар да има контрола на резултатот. Истава разлика од седум погодоци беше актуелна и во 43 мунута, кога резултатот на семафорот гласеше 26:19.
Во наредните минути со головите на Апостоловски и Димитров, Вардар имаше високи 29:20, за крилото Дамчески да му донесе за прв пат двоцифрена предност на својот тим од 31:21. Преку истиов играч на осум минути пред крајот зголемуваме на 36:24. Последните минути беа рутина за нашиот состав, кој по истекот на 60-те минути славеше со резултат 40:27.
Најефикасни во редовите на Вардар беа Дамјан Трајковски со 6 и Никола Стоилевски со 5 погодоци. Добар на голот денес беше и Андреј Петковски, кој имаше двоцифрен број на одбранети удари. Во рамките на последното коло од регуларниот дел на сезоната гостуваме во Чаир, на екипата на Риниа-М.
РК Вардар 2: Петковски, Дамчески 3, Крстевски 2, Мишевски, Трајковски 6, Димитров 3, Апостоловски 3, Гичев 4, Лазов 3, Мицаноски 2, Ѓоршовски 3, Брауновиќ, Стоилевски 5, Стошиќ 1, Амзоски 2, Атанасовски 1.