Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > Интервјуа > Љупчо Кметовски- Од “богата„ играчка кариера, до тренер кој создава репрезентативни голмани
Љупчо Кметовски- Од “богата„ играчка кариера, до тренер кој создава репрезентативни голмани

Љупчо Кметовски- Од “богата„ играчка кариера, до тренер кој создава репрезентативни голмани

Од трофејна играчка кариера до тренер кој создава репрезентативни голмани. Во следново наше интервју ве запознаваме со Љупчо Кметовски, кој има богата биографија, настапувајќи за неколку екипи од првата Македонска фудбалска лига, каде во голем дел од нив има работено и како тренер на голмани, а моментално истата функција ја има во младинските, поточно пионерски екипи на фудбалскиот клуб Вардар. Во три наврати е прогласуван за најдобар голман во Македонија и ги има поминато најдобрите клубови во Македонија и секако најтрофејниот и клубот каде моментално работи како тренер на голмани. Располага и со УЕФА-А лиценца и национална лиценца за тренер на голмани. Се што не сте знаеле за Кметовски, можете да дознаете и прочитате во следново интервју.

1. Вие сте голман со една од најбогатите биографии во Македонската фудбалска лига. На колку години започна вашата играчка кариера и во кои се клубови настапувавте и како голман и како тренер ?

2714

-Со макотрпна работа и поминување по 12 часа дневно на тренинг, како во училишните дворови, така и на фудбалските терени, мојата играчка кариера започна на 15 години во младинската, а потоа и во првата екипа на ФК Илинден, каде се натпреварувавме во третата меѓурегионална лига. На 19 години преминувам во екипата на Техноком-Лисиче, потоа мојата кариера продолжува во Шкендија (Арачиново), Балкан од Чаир, Работнички, Цементарница, Вардар, Милано, пак Работнички, па Вардар. На 39 години  во Тетекс ја завршувам играчката кариера, каде продолжив да работам како тренер на голманите. Од Тетекс продолжувам во Металург, најпрво како тренер на голмани во првиот тим, па во младинската школа, за повторно да бидам дел од стручниот штаб на првата екипа на тимот од железарница. Во 2015 година доаѓам во Вардар по покана на координаторот, Сашо Милошевски, со кој по трет пат заедно соработувавме. Првиот пат беше како играчи во Работнички, вториот пат, во истиов клуб, каде Милошевски беше спортски директор а јас голман и еве сега моментално сме двајцата во Вардар на познатите функции. 

2.Како голман имавте можност на два пати да бидете дел од Вардар. Како го опишувате времето поминато во црвено-црниот клуб ?

-Првиот пат кога дојдов во Вардар, клубот беше во лоша финансиска состојба, но сепак од таа генерација произлегоа многу добри играчи. Меѓу нив беа: Никола Глигоров, Златко Танески, Иван Тричковски, Дарко Тасевски, Бојан Маркоски, Музафер Ејупи, Оливер Пеев и други. Имавме одлична соработка со тогашниот тренер, Вујадин Станојковиќ, како и едно големо искуство во работата со Благоја Ѓорѓиев, кој тогаш беше тренер на голманите во Вардар. При второто мое доаѓање во Вардар, имавме одличен почеток со добра финансиска поставеност на екипата, како и одличен играчки кадар, но потоа сите знаеме што се случи.

6854

3.Цементарница, како и дел од играчите на Слога ќе ве запаметат по финалето на купот, кое се играше на 29-ти мај во 2003 година, кога дури по изведување на удари од белата точка успеавте да го победите големиот противник. Тоа беше прв трофеј за Цементарница од националниот куп, а вие со вашите три одбранети пенали после  ударите на Савиќ, Бајрам и на Арбен Нухији, сигурно ќе бидете запаметени како херој на Цементара во тој пенал рулет. Кој е вашиот најдраг трофеј, дали токму горе споменатиот ?

-Најдраг трофеј е оној од купот во 2003 година со екипата на Цементарница, кога во финалето на ова натпреварување ја совладавме екипата на Слога и тоа дури по изведување на удари од белата точка. Во регуларниот дел резултатот беше 4:4, за по изведувањето на пенали да славиме со резултат 3:2, за вкупни 7:6. Се сеќавам дека во таа пенал серија, одбранив три удари од белата точка и донесов трофеј за тогашниот мој тим, кој беше предводен од Зоран Стратев. Ова беше прв трофеј од националниот куп за Цементарница, кој засекогаш ќе остане во моето сеќавање. Три години подоцна успеав со екипата на Работнички да ја освојам двојната круна, освојувајќи го првенството, додека во финалето на купот, ја совладавме екипата на Милано.

vardarfans-naslovna16-660x330

4. По крајот на играчката кариера се одлучивте да продолжите да работите како тренер на голмани. Што ве потикна повторно да бидете во фудбалските води. Колку ви значеше тоа да бидете тренер во поранешниот клуб ?

-Бидејќи се ближеше крајот на играчката кариера и поради големата љубов кон фудбалот се одлучив да продолжам да работам како тренер, по сугестија на поранешниот соиграч од Цеметарница, Драган Стефановски (Гаге). Секако дека е задоволство да се игра и работи во најголемиот клуб и најтрофеен клуб во Македонија. Мое најголемо задоволство и исполнување е работата со голманите, кои напредуваат и стануваат репрезентативни чувари на мрежата.

5. Дали може да ни направите споредба на условите за работа, кога вие сте започнале да тренирате и сега моментално со условите кои ги имаат голманите во младинските екипи на ФК Вардар ?

-Условите кога јас започнав и моментално се сосема различни. Во тој период кога јас тренирав, немаше тренери на голмани, или ги имаше многу малку, додека сега уште од најмладите возрасни генерации (петлиња) има тренери на голмани и условите во моментов се многу подобри. Најдобар пример за оваа споредба е академијата на ФК Вардар, каде тренираат и играат децата, кои настапуваат за клубот. Објект кој располага со сите услови кои се потребни и неопходни, за секој млад фудбалер да тренира и да се развива во професионалец. 

1334

6. Кои се предиспозициите за еден голман да биде добар и успешен. Врз основа на што го оценувате еден млад голман дека има потенцијал и квалитет ?

-Предиспозициите кои ги барам кај еден голман и кои треба да ги поседува се: техничките, психолошките физичките карактеристики, кои во подоцнежниот период само ќе се подобруваат и надоградуваат. Тука се секако посветеноста и концентрацијата за време на тренинг и натпревар, како вербата и желбата дека може да стане врвен голман.

19224752_1380403162054694_1844803874786012307_n

7. Моментално работите како тренер на голмани во пионерските екипи на ФК Вардар. Како ги оценувате вашите ученици и дали сметате дека тие се најдобрите во Македонија ?

-Моментално голманите кои ги тренирам во Вардар, едниот е на припреми со првиот тим во Австрија, се работи за Бојан Тимевски. Потоа два голмани од генерацијата “2000„ кои се дел од репрезентацијата до 17 години ( Методија Велковски и Давид Денковски), како и од генерација “2001„ ( Матеј Андов) кој е дел од репрезентацијата до 16 години. Овие голмани треба уште максимално да вложат и да се посветат во работата, бидејќи имаат предиспозиции да напредуваат и еден ден да потпишат професионални договори со некои од екипите од ПМФЛ, а зошто да не и надвор од Македонија. Морам да ја напоменам и добрата соработка со мојот колега, Саша Илиќ кој работи во првиот тим со кој често сме во контакт за голманите во младинските екипи, со кои работам.

1159

8. Со оглед дека давате репрезентативни голмани. Дали сметате дека тоа е заслуга на вашата напорна и квалитетна работа ?

-Секако за да се постигне успех треба многу напорна, квалитетна, правилна и посветена работа ,како и верба во тоа што го работите. Сепак една од најважните работи е посветеноста, можноста за напредок и успех на голманите.

9. Имавте можност неколку пати да бидете повикан во стручниот штаб на младинските репрезентации на Македонија. Колку ваквите повици имаат значење за вас и какво е чуството да бидете дел од националната селекција ?

gol4-432x330-1

-Неколку пати сум повикуван како тренер на голманите во младинските репрезентации на Македонија и можам да кажам дека нема поубаво чуство да си дел од стручниот штаб на земјата во која живеам.

10. Како ја гледате иднината на Македонскиот фудбал и дали нешто би додале на крајот од ова интервју?

-Иднината на Македонскиот фудбал ја гледам во постоење на вистински фудбалски академии, какви што има и во Европа, бидејќи само така можеме да напредуваме и да конкурираме на големите европски, клупски и репрезентативни екипи, со едукација како на играчки, така и на тренерски план. Морам да напоменам дека имам  одлична соработка и со останатите тренери на голмани во младинската школа на ФК Вардар, како и со прите тренери на младинските екипи, со кои со дел од нив имав и заеднички фудбалски кариери. Би сакал на крајот од интервјуто да ја потенцирам коректната, професионалната и пријателската соработка со координаторите на Вардар, Павел Неделковски и Сашо Милошевски. 

1627

Звонко Ивановски