Екипата на РК Вардар ги привршува подготовките во Крањска Гора и од утре заминува во Германија, каде од петок до недела ќе одигра дури три контролни натпревари. Првото загревање за Вардарци ќе биде екипата на Бершигер, која во новата сезона ќе игра во втората германска лига, откако минатата сезона испадна од насјлината Бундес лига, за која настапуваше и Македонскиот репрезентативец, Ацо Јоноски. Овој дуел ќе биде одигран во петок и ќе претставува прв контролен натпревар за нашите момци во новата сезона.
Во оваа земја остануваме и во следните два дена, каде во сабота го започнуваме настапот на турнирот, кој е во организација на екипата на Гумерсбах. Прв противник на овој турнир е добра познатата екипа на Рајн-Некар, со која ќе бидеме дел од најсилната група А во лигата на шампионите. За разлика од Вардар, противникот веќе одигра три контролни натпревари, против нисколигашки екипи на кои очекувано остварија големи победи. Совладани беа тимовите на Хедесхајм (45:20), потоа јуниорскиот тим на Рајн-Некар (52:28) и против Грос-Биберау (47:17). На сите три дуели настапи и Филип Талевски, кој ќе го гледаме и на мечевите во лигата на шампионите. Другата двојка на турнирот ја сочинуваат екипите на Фленсбург и Гумерсбах. Во зависност од исходот на двата натпревари, во недела победниците ќе играат за прво, додека поразените за трето место на овој турнир.