Нашиот фудбалски шампион е пред голема и историска шанса да се пласира во групната фаза од лигата на Европа. Избраниците на новиот шеф на стручниот штаб, Чеде Јаневски направија голем подвиг, совладувајќи го турскиот гигант, екипата на Фенербахче, со резултат од 2:0. Барсегјан му донесе водство на Вардар во 20 минута, додека во судиското надополнување, играчот на противникот, Топал успеа да си постигне авто гол, за конечен резултат од 2:0. Одличен резултат за Вардарци, кои имаат големи шанси да ја зачуваат предноста на реваншот во Турција и да станат првата Македонска екипа, која се пласирала по групи во европските натпреварувања. Блажевски беше стартер во триумфот на Вардар, кој вети дека и на реваншот ќе дадат максимум да испишат историја за клубот.
Игравме со срце и оставивме максимум на овој натпревар пред својата публика. Тактички бевме добро поставени и ја затвориме играта на противникот, можеби немавме многу шанси, но сепак, желбата и срцето што го оставивме на терен ни ја донесоа победата. Не секогаш во фудбалот се важни поседот и шансите, туку игра улога и среќата. Ние имавме повеќе среќа, но оставивме срце на терен и тоа беше најголемото нешто за победа на денешната среда. Знаевме дека Фенер е многу силна екипа, за Балканот е како Реал Мадрид. Ветуваме максимум и на реваншот, па што биде нека биде. На реваншот имаме шанса да правиме историја, рече Дејан Блажевски по завршување на натпреварот.