Фудбалскиот клуб Вардар денес одржа прес-конференција на која го потенцираше успехот од пласманот во групната фаза на лига Европа. Спортскиот директор на нашиот шампион искажа задоволство од историскиот успех, со надеж дека ова ќе биде мотив за успеси и во иднина. Тој на прес-конференцијата го изјави следново:
-Искрено ми беше полесно кога играв отколку сега кога сум на оваа функција. Бев многу нервозен, но верував дека имаме можност да направиме големо изненадување. Ако објективно ги анализираме работите, мислам дека дека Фенербахче за овие простори е како Реал Мадрид за Европа. Навистина елиминиравме еден голем клуб. Никој не очекуваше дека Вардар ќе направи изненадување во двата натпревари со таков клуб. Меѓутоа апсолутно заслужено се пласиравме во групна фаза благодарение на одлична тактика и одлична игра и нормално благодарение на тренерите и на играчите. Многу ми е драго затоа што Македонија долго чекаше на еден ваков успех. Меѓутоа веднаш му кажав на нашиот сопственик г-нот Сергеј Самсоненко, без кого ова немаше да се случи, дека ова ќе треба да биде мотив и за понатаму и овој успех да го правиме секоја или секоја втора година и да се навикнуваме на вакви успеси и ние ќе работиме тоа да се случува.