Со победа започна новата сезона во СЕХА-лигата за екипата на РК Вардар, која во градското дерби беше подобра од екипата на Металург. Црвено-црните ја оправдаа фаворитската улога и ниту во еден момент не беше доведена во прашање победата на овој воведен натпревар. Конечниот резултат гласеше 23:32, а избраниците на Гонзалес и по првото полувреме имаа солидна предност од 11:16. Во отсуство на Фереира, товарот на пикерската позиција отпадна на Стоилов и Марсениќ кои одиграа добар натпревар. Капитенот Стоилов го заврши мечот со 3 погодоци и за официјалната страна на СЕХА го изјави следново:
-Убаво е да се започне со победа. Ние сме шампиони на Европа и Сеха лигата и така треба да се однесуваме на секој натпревар. Денес сите одиграа добро кај мојата екипа, ова е дерби на Македонија и посебен натпревар и драго ми што започнавме со победа, се надевам дека така ќе продолжиме и понатаму.
Ова беше натпревар каде им се даде шанса и на некои млади играчи во двата состави. Кај нас шанса добија голманот Ѓорѓески кој имаше 3 одбрани, како и крилото Поповски.
-Добро е да се афиримира спортот и кај младите. Металург е екипа составена од млади играчи и убаво е што им се дава шанса за настап. Исто и кај нас шанса да играат добија двајца играчи, кои максимално си ја искористија. Се надевам дека така ќе биде и на другите натпревари оваа сезона.