Во сабота на програмата е дербито помеѓу Вардар и Шкендија во рамките на третото коло од првенството на младинските фудбалски категории. Пионерските екипи се домаќини на теренот во населбата Јане Сандански, додека кадетите и младинците гостуваат во Тетово. Сите натпревари се играат во сабота, во термините од 10 и 12 часот.
Помладите пионери по две одиграни кола имаат вкупно четири освоени бодови, или една победа и еен нерешен резултат. Добра започна сезоната за избраниците на Марковски – Калц кои останаа непоразени на гостувањето кај Работнички. Дербито со Шкендија е добра можност да се вратиме на победите, а домашниот терен е императив за нашите надежи да ги освојат трите бодови. Мечот започнува од 10 часот.
Пионерите под водство на Тодоровски се во потрага по својата прва победа во новата сезона. Оваа генерација на ФК Вардар има само еден освоен бод по првите две одиграни кола, па затоа потребен е триумф во дербито со Шкендија. Дуелот ќе започне од 12 часот.
Тешко гостување имаат Вардаровите кадети, кои доживеаа пораз во минатотот коло на домашен терен од екипата на Работнички. Загрижува играта од тој натпревар, која останува да видиме како ќе се одрази на саботниот натпревар во Тетово. Секогаш е тешко да се извадат бодови на гостувањата кај Шкендија, па избраниците на Колев е имаат тешка задача. Натпреварот во Тетово во сабота започнува од 10 часот.
Единствената генерација на Вардар која има максимални шест бодови по првите две одиграни кола се нашите младинци. И тука очекуваме квалитетен, неизвесен и тежок натпревар, на кој победникот може да го одлучат нијанси. Двете екипи располагаат со квалитетен состав и трите бодови се желба на двата тима. Овој дуел ќе започне од 12 часот.
Натпревар ќе одигра и генерацијата “2003“ на ФК Вардар, која исто така во сабота гостува во Ѓорче на екипата на Македонија Ѓ.П. После нерешениот резултат во дербито со Работнички, избраниците на Петрески одат по првата победа во новата сезона. Дуелот на теренот во Ѓорче започнува од 14 часот.
Вардаровата генерација “2004“ ќе одигра пријателски натпревар против академијата на ФФМ, во недела од 14 часот на терените на ФФМ, поради тоа што Македонија Ѓ.П нема екипа во оваа возрасна генерација.