Saturday ,23 November 2024
Последни:
Home > ФК Вардар > У-16 > Помладите пионери ја потврдија доминацијата и го освоија купот на Македонија

Помладите пионери ја потврдија доминацијата и го освоија купот на Македонија

Црвено-црна доминација владее овие два дена во Скопје. Само еден ден откако кадетите го освоија купот, победувајќи во финалето против Работнички, истиот успех денес го повторија и помладите пионери. Дури по изведувањето на удари од белата точка успеаа да слават во големото финале, против екипата на Шкендија и да го подигнат трофејот. Конечниот исход по изведувањето на пенали беше 9:8.

Се играше еден доста квалитетен и тежок натпревар, со неколку шанси на двете страни за постигнување на погодок. Свои прилики за постигнување на погодок имаше и екипата од Тетово, но нашиот голман не дозволи да биде совладан. На спротивната страна најзрелите прилики за гол ги имаше најдобриот стрелец на Вардарци, Марко Ѓоргиевски кој немаше среќа во завршните удари. Откако во регуларниот дел заврши 0:0 се пристапи кон шутирање на пенали. За Вардар погодија на два пати капитенот Елвир Рамиќ, Горјан Трајковски, Мартин Филипоски. По еден гол постигнаа Марко Ѓоргиевски, Мартин Стојчевски и голманот Малик Зибери. Трофејот на крајот сосема заслужено кај црвено-црните, го подигна капитенот Рамиќ.

Мора да напоменеме дека помладите пионери и кадетите се наши најуспешни генерации оваа сезона. Двете екипи се со големи шанси да ги обединат титулите. Нема многу одмор за овие млади момчиња. Веќе викендов ги очекува гостување во Струмица, против екипата на Турново.