Утре со почеток од 19 часот на арената „Леркендал“ , екипата на Вардар ќе и гостува на Розенборг, во рамките на второто коло од лигата на Европа. Вечерва клубот одржа прес -конференција во Норвешка, на која ги сподели очекувањата за утрешниот натпревар. На неа зборуваше шефот на стручниот штаб, Чеде Јаневски кој го изјави следново:
-Имаме респект за нашиот противник, затоа што има огромно искуство со европски натпревари. Но, ние веруваме во нашиот квалитет и веруваме дека можеме да стигнеме до позитивен резултат. Не би сакал никого да издвојам од противничката екипа, бидејќи тие се добри како колектив. Ги гледавме неколку пати оваа сезона, направивме добра анализа. Подготвени сме да се надигруваме со противникот. Сите го знаеме Бендтнер кој што има играно во големи клубови, има многу вакви натпревари, но исто така Розенборг е екипа која што поседува одлични играчи во средината на теренот. Не можам да кажам дека сигурно ќе победиме, тоа е тешко да се каже особено на вакви натпревари, но дојдовме тука да одиграме добар натпревар, и се наевам дека тоа ќе ни донесе позитивен резултат. И ние и Розенборг имавме лош старт во групната фаза од Лигата на Европа, и сега на некој начин двата тима ги посакуваме првите бодови.
Јаневски во 2005 година како помошник тренер на Олимпијакос се има сретнато со екипата на Розенборг, на стадионот каде утре се игра мечот.
-Се сеќавам на тој натпревар, одигравме 1:1. Од она што знам дека не е лесно да се игра тука. Станува збор за типично скандинавска екипа која што физички е добро подготвена. Одлични се во воздушните дуели. Ќе бидат тоа, навистина, тешки 90 минути.